Покрај партиите, и новинарите, уредниците и раководството на медиумите потпишаа Повелба за етичко известување за изборната кампања, обврзувајќи се на објективно, вистинито и навремено информирање, имајќи целосна одговорност и свесност за нивната улога околу претстојните локални избори во државата

Во пресрет на кампањата, која почнува в понеделник, претставници на политичките партии, учесници на претстојните избори, денеска потпишаа Кодекс за фер и демократски локални избори со кој се обврзаа на демократски изборен процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори.
Со ставањето на потписите, учесниците се обврзаа да го почитуваат законот, да не ги користат државните капацитети и потенцијали коишто им припаѓаат на сите граѓани, за фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата.
Настанот се одржа во Клубот на пратеници во рамки на кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика“ како дел од проектот „WoMеn Lead“, спроведен од Националниот демократски институт (НДИ) со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида).
На овој начин, велат од НДИ, се зацврстуваат фундаменталните вредности на демократијата и се придонесува за градењето на довербата во изборниот систем. Оваа година за првпат беше воведена потточка за дискриминација по род со што Кодексот се проширува за уште една важна категорија.
„Овој кодекс е од особено значење за родовата еднаквост во политиката, бидејќи е доказ за борбата против насилството врз жените во политиката, и ние сме особено горди на тоа. По овој потег останува на политичките партии да се изборат против говорот на омраза и дискриминација врз жените во политиката“, рече Роберт Скот Хејзлет, виш директор на НДИ во Северна Македонија.
Чинот на потпишување беше организиран и во соработка со Државната изборна комисија (ДИК).
Први го потпишаа претставниците на двете најголеми политички партии, претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, а по нив Фатмир Бесими и Биљал Касами од ДУИ и БЕСА, Горан Милевски и Маја Морачанин од ЛДП и ДОМ, Зијадин Села и Африм Гаши од Алијанса на Албанците и Алтернатива. Кодексот го потпишаа и ДПА, ГРОМ, Демократската партија на Турците, Партијата за движење на Турците, Левица, Интегра, ПОДЕМ, на Бошњачки демократски сојуз, Титови леви сили и Зелен хуман град. Потписи ставија и претставнички на организациите на жени во рамки на партиите.
Покрај партиите, и новинарите, уредниците и раководството на медиумите потпишаа Повелба за етичко известување за изборната кампања, обврзувајќи се на објективно, вистинито и навремено информирање, имајќи целосна одговорност и свесност за нивната улога околу претстојните локални избори во државата.
Медиумските работници ја прифатија Повелбата и беа согласни дека во работата на медиумите ќе се почитуваат принципите на урамнотеженост, на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, на чесност и независност, на професионална солидарност, на уредувачка независност и професионален интегритет, на почит и толерантност, на еднакви можности на жените и мажите, како и на слобода и одговорност.