Покрај полагање по два екстерни и интерни предмети за државната матура кои ги издејствуваа средношколците, со новиот концепт останува и обврската за изработка на дополнителна, т.н. проектна активност. Од годинава проектната активност има и посебен, практичен дел. Учениците треба да создадат дигитална творба, граѓанска иницијатива, краток филм, сторија или уметничка изведба.
Тоа, за три ученички од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, значело предизвик – да изберат задача за поддршка на социјално ранливи категории граѓани.
„Ние избравме хуманитарната акција да биде – сите донации да отидат во СОС Детско село, каде што тие понатаму ќе си ги распоредат и ќе отидат на вистинското место. Според мене, големината на еден човек е во неговата хуманост и токму затоа ние ја избравме оваа проектна задача“,
Кристина Христова, матурантка од СОУ „Славчо Стојменски“-Штип.

За можноста да изберат хуманитарна акција како училиштен проект дознале од класната на Кристина, која во училиштето им предава филозофија. Улогата на менторот е само советодавна, објаснува професорката.
„Техничката страна околу изработка на проектот е задача на менторот. Суштината на овие нови модели на проектна задача е да дојдат до израз афинитетите на учениците, тие да ги изразат нивните внатрешни потенцијали, да дојдат до израз нивните знаења и способности“,
вели Данка Јовева, ментор на проектот, проф. во СОУ „Славчо Стојменски“-Штип.

Хуманитарната акција на Кристина, Ангела и Анастасија почнала пред околу два месеца. Првите донации стигнале од најблиските – роднините, пријателите и соседите, но и од самите нив. Откако иницијативата ја споделиле на социјалните мрежи, апелот за хуманост брзо се проширил низ целата држава.
„Дојдовме до идеја да отвориме страница каде што ќе објавуваме како тече проектот, хуманитарната акција, и луѓето да знаат дека е посериозно и тогаш почнавме да добиваме пораки од други градови. Некои праќаа по карго, но некои не можеа, па ние одевме со наши возила и ги земавме работите. Најмногу донираа облека, исто така дубалки за бебиња, креветчиња, колички, имаше и некои што донираа храна“,
вели Ангела Манасиева, матурантка од СОУ „Славчо Стојменски“-Штип.

Освен намирници и облека, трите средношколки поставиле и кутии за собирање парични средства на неколку локации низ Штип – во текстилна фабрика, во маркет и во фризерски салон.

„Кутијата стоеше три недели кај нас, муштериките сите беа вклучени во акцијата. Едни придонесоа, помогнаа, донесоа облека, донираа парични средства од кои и јас учествував, и јас донирав“,
вели Елена Стојчевска, сопственичка на фризерски салон.

На крај, трите средношколки собраа над 120 кутии со храна, хигиенски средства, играчки, облека. Беше потребен цел камион и помош од директорот и други професори за да се натовари матурската задача и да се однесе во СОС Детско село во Скопје.

„Кога ги собиравме донациите воопшто не очекувавме да собереме толку многу како што денес собравме, наполнивме цел камион и многу ни е мило што испадна така“,
вели Анастасија Борисова, матурантка од СОУ „Славчо Стојменски“-Штип.

Од парите, пак, што ги собрале трите матурантки одлучиле да купат таблет за да може некое од децата во СОС Детско село да го користи за онлајн настава.

Освен самите ученици, професорите и раководството на штипската гимназија, изненадени од успехот на младинската иницијатива беа и домаќините во СОС Детско село.

Директорката Александра Ивановски вели дека секоја донација е добредојдена, но во конкретниот случај гледаат патоказ за идните генерации.
„Кога зборуваме за младински активизам, мислам дека ова е многу значаен пример, бидејќи покажува како и образовниот систем има огромна улога во промовирање на индивидуалната филантропија. Вклучување на вакви хуманитарни проекти во едукативниот процес како дел од редовната програма е само еден чекор напред кон градење на идни генерации што излегуваат од кругот на „јас“ и делуваат за пошироки општествени промени“,
вели директорката Ивановски.

Со предавањето на донацијата заврши практичниот дел од проектната задача на трите матурантки. Во следните месеци треба да подготват и научен труд за сработеното, што потоа ќе се оценува пред тричлена комисија од професори во нивното матично училиштето. Оценката што ќе ја добијат е важна за Кристина, Ангела и Анастасија бидејќи е дел од државата матура. Но, има нешто уште поважно за нив.
„На многу лица ќе видиме насмевки, и тоа за нас е најважно“,
велат тие.
