Газди на компанијата на чие име гласат сертификатите и на директорот на АНБ, но и на две директорки осудени бидејќи сертификатите им биле лажни, се две физички лица – Јулија Иванова Тодорова и Георгиос Христос Трајанос. Нивните имиња се среќаваат во повеќе правни лица во Пловдив. Но, на ниту една од тие адреси не ги најдовме ниту училиштето „Јулија Ко.“, ниту газдите
Фирмите кои сега работат на истите адреси на кои работеле Тодорова и Трајанос и нивните комшии тврдат дека парот е отселен во Атина, Грција. Некои тврдеа дека си заминале пред неколку месеци, но други дека не се во Пловдив веќе неколку години
Во едно училиште за странски јазици во Пловдив ни рекоа дека во градот може да се полага за ТОЕФЛ-сертификат само на едно место, но првпат од нас слушнаа за училиште или центар за полагање со назив „Јулија Ко.“
Патот со автомобил од Скопје до Пловдив, Бугарија, трае околу пет часа, ако не се бројат паузите и задржувањето на граница. А колку ни требаше нам, толку им требало на сите што добиле ТОЕФЛ-сертификат од правниот субјект „Јулија Ко. ДОО“, се разбира, ако приложените сертификати им се вистинити.

Токму затоа и тргнавме за Пловдив. Да провериме дали навистина може да се полага и да се добие ТОЕФЛ-сертификат од субјектот „Јулија Ко. ДОО“. Ако не може сега, дали можело пред две години, кога сертификат зел директорот на АНБ, Бојан Христовски? Но, и каков е коментарот на сопствениците на фирмата за тоа што во нашата земја веќе има пресуди против лица кои станале директори со фалсификувани сертификати издадени токму од „Јулија Ко. ДОО“.
Првата адреса ни беше Централниот регистар на Бугарија. Таму пишува дека фирмата „Јулија КО.“ има двајца газди – Јулија Иванова Тодорова и Георгиос Христос Трајанос.
Името Јулија Иванова Тодорова се појавува и во други правни лица:
Како членка на Управен одбор во Здружението „Медијација БГ“;
Како поранешна сопственичка на фирмата „Азарија“;
Како поранешна членка на Управниот одбор во Здружението „Алијанса за иновативни практики“;
Актуелен член и претседател на Управниот одбор на „Алијанса“ е вториот сопственик на „Јулија Ко“ – Георгиос Христос Трајанос.
Неговото име се јавува и како ко-сопственик на фирмата „Бомакс груп“.
Заеднички елемент за сите овие фирми е што се на две адреси. „Алијанса“, „Азарија“ и „Медијација БГ“ се на улицата „Марица“ број 69. „Јулија Ко.“ и „Бомакс груп“ на „Стефан Веркович“ број 3 во Пловдив.

Токму „Стефан Веркович“ број 3, кат 1, канцеларија 3 беше нашата прва дестинација. Таму е седиштето на правниот субјект на чие име гласат ТОЕФЛ-сертификатите на македонските функционери – „Јулија Ко.“
При влезот во деловниот објект ги прашавме луѓето кои работат на приземјето, дали оваа фирма постои и дали знаат која е нивната дејност?

360°: Извинете, да Ве прашам, ми треба една фирма на првиот спрат, „Јулија Ко“. Нешто со англиски сертификати, познавате таква фирма?
Не.
360°: На адресата пишуваше дека е тука, „Стефан Веркович“ 3.
Ова е „Стефан Веркович“ 3.
360°: Трета канцеларија, ова претпоставувам.
Првиот кат, трета канцеларија.
Човекот нè упати до канцеларијата што ја баравме. Заѕвоневме и излезе човек кој ни кажа дека фирмата „Јулија“ повеќе години не е на таа адреса.
360°: Пишуваше дека на оваа адреса има фирма за издавање на лиценци по англиски јазик – ТОЕФЛ, „Јулија Ко. ЛТД“ се вика.
Тие не работат тука многу години.
360°: Од кога?
Можеби пет или шест години. Пет или шест години, можеби и принудно и го прекинале договорот и ја избркале поради низа прекршоци и немаме координати. Ние сме новите кираџии.
360°: А од кога сте вие тука?
2018-2019 г., значи шест години. Веќе шест години таа не е тука и немаме нејзини координати, немаме нејзин телефон. Ова е адвокатска канцеларија.
360°: Сега ова си е адвокатска канцеларија, вие си работите?
Да.
360°: Нема врска со…
Не, на никаков начин.
И на информативната табла во објектот, за канцеларијата со број 3 на првиот кат, каде што би требало да се наоѓа седиштето на „Јулија Ко. ДОО“, а сега ни кажаа дека е адвокатска канцеларија, немаше никаква ознака.

На првиот спрат во третата канцеларија на улицата „Стефан Веркович“ 3 во Пловдив, онаму каде што би требало да се наоѓа седиштето на јазичното студио „Јулија“ сега има адвокатски канцеларии. Во разговор со еден од адвокатите кој работи таму, ни беше посочено дека тие ги користат овие канцеларии веќе шест години. На прашањето дали ја имаат запознаено Јулија или, пак, дали се запознаени со тоа дали овде имало јазично студио претходно, ни одговорија негативно.
Откако не ги најдовме газдите на „Јулија Ко.“ на улицата „Стефан Веркович“ продолживме на адресата каде што се наоѓаат други фирми во кои се вклучени или биле вклучени Јулија Иванова Тодорова и нејзиниот бизнис-партнер – Георгиос Христос Трајанос.
Булевар „Марица“ број 69 е на северниот дел од градот, покрај истоимената река која го дели Пловдив на две половини. На влезот на зградата го немаше името на фирмите што ги баравме, а поради безбедносните мерки не можевме да влеземе внатре и да тропнеме на канцеларијата со број 7, на првиот кат.

Но, на приземјето на зградата имаше нотарска канцеларија. Вработените ни кажаа дека луѓето што ги бараме се иселиле.
360°: Барам една компанија, сопственичката на компанијата е госпоѓа која се вика Јулија и таа има четири компании кои се регистрирани на оваа адреса.
Јас не знам.
360°: „Медиација.бг“ или нешто слично?
Јулија ли беше „Медијација“, што имаше или нешто?
Таа не е тука, таа е во Грција.
360°: Таа има школа за јазици или слично?
Добро, но таа не е тука.
360°: Преселена е таму трајно?
Да.
360°: Добро, а пред колку години се има иселено, дали знаете?
Не знам, таа живее во Грција, минатата година.
360°: Таа се пресели во Грција минатата година?
Да.
360°: Во ред, а дали нејзините компании се сè уште активни тука или не?
Не. Во Бугарија не.
360°: Нема активни компании во Бугарија?
Во Грција – да.

Ни остана уште едно место за проверка. Старата адреса, до 2012 година, на фирмата „Јулија Ко.“, на улица „Д-р В’лкович“, број 6, кат 2.
Таму, во тесен премин, затскриен зад реквизити од локалните продавници, се наоѓа влезот на училиште за странски јазици.

Во разговорот, вработените ни кажаа дека никогаш не слушнале за училиште „Јулија“, дека во Пловдив знаат само за еден центар во кој некогаш се полагал ТОЕФЛ и дека тие лично даваат само часови за подготовка на испитот.
Тука има еден господин, ја бара Џулија.
Немаме Џулија.
360°: Не?
За хостел ли зборуваме?
360°: Не, не. Школо за јазици, за ТОЕФЛ.
Можеби Дијана?
360°: Не, не, Џулија, Јулија, Жулија не знам, за ТОЕФЛ-сертификати.
И ние сме јазичен центар.
360°: Не, не, за ТОЕФЛ-сертификати.
Предлагаме курсеви, ама не сме коментирале, јас се викам Дијана. Да не баравте друг јазичен центар? Како се вика центарот?
360°: Џулија.
Немам претстава.
360°: Да не е стара адреса?
Ние сме јазичен центар „Хоум“.
360°: А кај вас има за ТОЕФЛ-полагање?
Ние предлагаме курсеви за ТОЕФЛ, за вас ли станува збор? За ТОЕФЛ датумите се кажани, кои се датумите за Пловдив, само треба да се пријавите.
360°: Колку има во Пловдив центри за ТОЕФЛ?
Секој центар може да ве подготви за ТОЕФЛ, но за полагање на самиот испит, вие за полагање ли сте?
360°: Да, за полагање.
Значи, за полагање тука, во „Класик“ се вика училиштето, таму имаат ТОЕФЛ и други во Пловдив не сум сигурна дали има други центри за полагање ТОЕФЛ.
Или, на сите локации кои според бугарскиот централен регистар би можеле да ја најдеме фирмата „Јулија Ко“ и нејзините газди, ги немаше ниту правниот субјект ниту физичките лица. Напротив, оние со кои разговаравме ни велеа или дека првпат слушаат за нив или дека одамна се иселиле.

Па, наместо на адресите, се фокусиравме на телефонските броеви пријавени во бугарскиот централен регистар. Телефоните на компанијата „Јулија Ко. ЛТД“ беа исклучени. Но, среќата ни се насмевна кога на наш повик одговори лице вработено во „Медијација.бг“ – здружението во кое Јулија Иванова Тодорова е заменик-претседател на Управниот одбор.
Непознатиот соговорник ни тврдеше дека Јулија Тодорова била „со јазиците“, но не сакаше да ни даде директен контакт од неа.
360°: Дали можам да разговарам со госпоѓата Јулија Иванова Тодорова?
Колешката Јулија веќе е во Грција и работи таму.
360°: Дали се бавите со приготвување и полагање на ТОЕФЛ-сертификати?
Сертификати за…?!
360°: ТОЕФЛ, за англиски јазик полагање.
Тоа само Јулија, ние не.
360°: А госпоѓата Јулија се бави со тоа?
Јулија веќе неколку месеци не работи во Бугарија, таа е во Атина.
Имавме среќа и со една од поранешните фирми каде фигурирало името на Јулија Тодорова – „Азарија.бг“. Таму, пак, добивме сосема различен одговор за времето кога таа си заминала од Пловдив.
360°: Ало, добар ден. „Азарија.ко.“?
Да.
360°: Едно прашање, дали можам да добијам контакт, дали може да разговарам со госпоѓата Јулија или со господинот Гиоргиос Христос Трајанос?
Не, не можете, момче, таа фирма е затворена.
360°: А зборуваме за фирмата за странски јазици, така?
Да, фирмата е затворена.
360°: Не работат веќе тука?
Не работат, да.
360°: Колку години не работат, дали имате информација?
Четири или пет години.
360°: Четири или пет години не работат, а дали издавале ТОЕФЛ-сертификати дали имате идеја?
Не, немаат ништо, мислам.

Се обративме и на адресите за електронска пошта оставени во бугарскиот централен регистар на сите фирми кои имаат врска со Јулија Тодорова и Георгиос Трајанос. Не добивме никаков одговор.
А одговор чекаме и од ЕТС – субјектот кој стои зад организацијата на ТОЕФЛ-тестирањето уште од 1947 година. Таму прашавме – дали правниот субјект „Јулија Ко.“ има или некогаш имал овластување да организира ТОЕФЛ-тестирање и да издава сертификати.
И враќањето, како и одењето до Пловдив, трае нешто повеќе од пет часа. А колку ни требаше нам, толку им требало на сите кои добиле ТОЕФЛ-сертификат од правниот субјект „Јулија Ко.ДОО“, се разбира ако приложените сертификати им се вистинити.
Ние, не само што не успеавме да договориме тестирање или да добиеме сертификат, туку не можевме ни да стапиме во контакт со „Јулија Ко.“, фирмата каде што толку многу македонски функционери добиле документ за познавање на англискиот јазик.