Откривме дека на стариот пат Приштина – Скопје, за земјава е употребена кратенката НМК на дел од патната сигнализација. Иако за некого можеби звучи симболично, прашањето е важно бидејќи земјава со Преспанскиот договор го доби правото на употреба на кодовите МК и МКД, согласувајќи се само на регистарските таблички да се употребува НМК
Не е првпат соседи да ја прават оваа грешка. Веќе две години на автопатот од Белград кон Скопје, исто така стои НМК
Во јуни 2018 година, во Преспа, беше потпишан договорот со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу официјално Скопје и Атина.

Суштината е тоа што земјава прифати да го користи името Северна Македонија и дома и надвор, додека Грција ја призна придавката „македонски“ за јазикот и народот.
Не беше најважно, но дел од договорот беа и употребата на меѓународните ознаки и кодови. Во членот 1, став 3-д, земјава направи отстапка за ознаката на регистарските таблички на возилата, а Грција се согласи со дотогашниот код за Македонија во сите други случаи.

„360 степени“ во неколку наврати известуваше дека соседна Србија погрешно ја користи ознаката НМК на патните знаци за земјава, но сега најдовме нов таков пример – кај Приштина, во Косово.
На излезот од главниот град на северниот сосед, по стариот пат кон Скопје, избројавме три табли на кои е употребена ознаката НМК, а не меѓународниот код – МК или МКД. Уште дента кога ги снимавме знаците се обидовме да добиеме информација од косовската централна и локална власт во Приштина – кој и зошто ги поставил тие знаци. Тој ден, не добивме одговори.


Враќајќи се по новиот пат кон земјава, забележавме дека таму е употребен точниот код – МК.
Од Скопје повторно се обративме до истите институции, плус до Амбасадата на Република Косово во земјава и до домашното Министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Кога ни стигна одговорот од ресорот кој го води Тимчо Муцунски, тој гласеше:

И по неколку ургенции, сепак, не добивме став од Амбасадата на Република Косово во земјава. Пред сè прашувавме – дали е постапено по укажувањата од македонска страна, како што најавија од македонското МНР.
Барајќи став директно во Приштина, дојдовме до информација дека надлежноста за знаците е кај Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово. Успеавме да оствариме телефонска комуникација со директорот на одделот за патишта на Косово, Ќамил Фека. Тој, засега, одби да ни даде став. Од сите остварени комуникации, само неофицијално, дојдовме до информација дека наводно веќе се нарачани нови табли на кои ќе стои меѓународно признатиот ИСО-код за земјава – МК или МКД.
Случајот со таблите со погрешна меѓународна ознака во Косово е втор ваков случај во соседството. НМК, наместо МК стои на таблите на автопатот од Белград кон Скопје, во соседна Србија. Така е веќе подолго од две години.


Кога последен пат известувавме на темата, не добивме став од српските власти, додека од македонското МНР ни одговорија:

За темата за која „360 степени“ првпат извести пред две години, во меѓувреме работеа и други медиуми. Во јуни годинава, при гостување на Канал 5, прашање за таблите доби и вицепремиерот и министер за политички систем, Иван Стоилковиќ.
Тој изјави дека лично разговарал со директорот на „Патишта Србија“, кој му кажал дека немале намера да предизвикаат некого и оти ако македонската страна инсистира, знаците ќе бидат променети.

„Нема да ги побарам за да прашам до каде е приказната, јас ти кажувам дека јас ќе го сменам знакот и ќе направам слика само за да ви покажам дека правите проблем од нешто што не е никаков проблем“,
рече вицепремиерот во гостување на ТВ Канал 5.
Но, три месеци подоцна, Стоилковиќ на својот фејсбук-профил излезе со теза дека земјава сама си го наметнала кодот НМК. Се повика на Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот донесен од Министерството за транспорт во 2020 година, поточно на членот членот 24, став 388, каде има пример за национална автоознака на сообраќајни знаци, илустриран со НМК.

„Дали некој знае што правела Владата на СДСМ и кои сè обврски направила на државата? Дали некој од мене и амбасадорот Тупанчевски направи идиоти? Дали? Иди бегај!“,
напиша Стоилковиќ на својот фејсбук-профил.
Не добивме став од македонското Министерството за транспорт за толкувањето на Стоилковиќ. Но, во меѓувреме, заложба за да се надмине ненамерната грешка вети и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
