5 722 хектари или околу 8 000 фудбалски терени е површината на дополнително државно земјиште кое Владата годинава им го понуди на закуп на земјоделците за да садат стратешки култури – меѓу кои и сончоглед
Дури и да се остварат очекувањата на министерот Љупчо Николовски за двојно зголемување на производството на сончоглед, тоа ќе задоволи едвај 20% од потребите на земјава. Останатите 80% и понатаму ќе се увезуваа. Погледнете го видеото
Клоци и боксови за шише зејтин до неодамна не беа ретка слика во регионот. Во земјава не беше фатено насилство пред камера, но имаше поинакви битки за шише масло. Особено април беше период кога на рафтовите немаше сончогледово масло, а и кога ќе се појавеше, брзо го снемуваше.
Власта, иако уверуваше дека нема криза со зејтин, обезбеди два милиона литри сончогледово масло од Србија.
„Со последните одлуки на владата кои се прават, согласно точни анализи меѓу министерството за економија и министерството за земјоделие, веќе почнува да се увезува рафинирано масло за јадење од нашите соседи“
изјави министерoт за економија, Крешник Бектеши (20.04.2022)
Беа најавени и мерки за стимулирање на производството на сончоглед, со кои власта најавува дека нема да има потреба да „молиме“ за стратешки култури во соседството.
„Она што јас го очекувам е ако беа откупени оваа година 5 илјади тони сончоглед за производство на масло за јадење, следната година тоа да биде дуплирано околу 10 илјади тони“
изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски (17.05.2022)
Ќе успее ли земјава да ги задоволи домашните потреби за производство на сончоглед или ќе произведуваме само колку за грицкање?

5 722 хектари или околу 8 000 фудбалски терени – толкава е површината на дополнително државно земјиште кое Владата годинава им го понуди на закуп на земјоделците за да садат стратешки култури – меѓу кои и сончоглед.

Еден од оние што поднеле барање на огласот е Митат Исмаиловски од село Будаково, Општина Могила. Препознатлив по специфичната модерна механизација и големите посеви во пелагонискиот регион, Митат вели дека секоја година бара парче повеќе за обработка. Веќе обработува 400 хектари, а на третина од од нив годинава засадил сончоглед.
„Добро го знам сончогледот, добро го работам. Мене некоја година ми доаѓа 1,2 тона по хектар, некоја година до 2 тона, 1,8 тон, една година ми дојде 2,5 тона просекот, значи зависи и од временските услови“
вели Митат Исмаиловски, земјоделец од с. Будаково, општина Могила.

Освен големите површини, Митат вели дека внимава и на агротехничките услови, како и на изборот на семе кое носи повеќе приноси.
„Оваа е новосадска сорта, никната е, а онаа е неникната таму подолу имам француска, таа е малку покасна сорта. – Кога садевте, во која фаза е? Па, ова го имам садено пред месец дена. Веќе има четири листа, одлична е, третирана е од плевели, сите работи“
објаснува Исмаиловски.

Со Митат разговараме пред околу две недели. Иако се надеваше, на крај, тој не се избори за парче од новопонудената земја под наем. На наддавањето, цените отишле повисоко од што може да си дозволи.
Колку од апликациите биле за сончоглед, податок според кој би можело да се пресмета колку плус домашен сончоглед може да се очекува оваа година, беше едно од прашањата што ги поставивме до Министерството за земјоделство.

По цела седмица чекање, добивме одговор дека Владата практично не знае – колку од дополнително понуденото земјиште за стратешки култури ќе се посади со сончоглед, колку со пченка, а колку со пченица.
„Пристигнати се рекордни 235 апликации, што претставува досега најголем број поднесени апликации на оглас за закуп на земјоделско земјиште. Земјоделците сами ќе одлучат која култура ќе ја одгледуваат според нивните можности“
одговорија од Министерството за земјоделство.

Оваа мерка, според пензионираниот професор од Земјоделскиот факултет во Штип, Илија Каров, е непланска распределба на државното земјоделско земјиште. Најважно, вели тој, е државата да има евиденција во чии раце „ќе падне“ земјиштето – дали кај вистинските земјоделци или кај трговци.
„Јас не сум убеден дека земјоделците што ќе го добијат ова земјиште што се планира сега да се подели, дека ќе биде посеано со сончоглед. Многу е пооправдано и пореално да се разговара, со традиционалните производители што беа на сончоглед. Прво, да се почне од таму. Ако посее и некој друг – добро. Бидејќи не ја знаат ни агротехниката, не ја познаваат ни културата, а вие наеднаш ќе го терате да сее нешто за што нема искуство.“
вели Илија Каров, професор во пензија од Земјоделскиот факултет, УГД-Штип.

За да се зголеми домашното производството на сончоглед, професорот Каров смета дека земјиштето треба добро да се испланира и по региони, земајќи ги предвид карактеристиките на секое поднебје, а потоа земјоделците и да се едуцираат за сортите сончоглед.
„Ние имаме правено голем број испитувања и тестирања на различни хибриди на сончоглед во Овчеполскиот регион. Значи, има квалитетни хибриди со висока содржина на масленост и со многу повисоки приноси. Значи, ако касниме ние во наредната пролет да бараме семе и да ги планираме површините, тоа ќе оди многу тешко. Добро е да се испланира оние земјоделци кои планираат да ги посеат површините со сончоглед, да ги подготват површините уште оваа есен за наредната пролет да се подготват за производство на сончоглед“
додава Каров.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во државава секоја година се садат околу 5 илјади хектари земја со сончоглед. Ако се земе предвид и просекот од околу еден тон по хектар, производството на сончоглед се движи околу 5 илјади тони годишно.
Тоа задоволува помалку од десет отсто од потребите за производство на масло. Па, слично како и кај пченицата и производството на брашно – и сончогледот најчесто се увезува од соседните држави.

„Оваа фабрика има капацитет да складира, да смести и да преработи околу 40 илјади тона сончоглед, а ние во последните години сме сведени на откуп или на производство на домашен сончоглед на некои 4 илјади тона, или од 3,5 до 6 илјади тона сончоглед. Сето останато ние го обезбедуваме од увоз од соседни Србија и Бугарија. Во зависност од математиката на оваа компанија, дали е подобро да се увезува сончоглед или пак е подобро да увезуваме сурово масло. Често увезуваме и сурово масло, не само сончоглед, зашто во Србија сончогледот се откупува во време на реколта и таму немаат навика да го складираат зашто предност даваат на пченката“
вели директорот на „Кристал 1923“ , Горан Лазов.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, во неколку наврати вети дека со постоечките параметри уште идната година ќе се намали увозот на сончоглед и масло. Според него, владините мерки веднаш ќе дадат резултати, па производството од 5 илјади ќе се зголеми на 10 илјади тони.
„За стратешките култури, особено за сончоглед, пченица, пченка, јачмен и во овој месец имаме голем број барања на неделна основа околу 3 илјади барања, или апликации имаме до денеска за субвенционирање на вештачко ѓубриво од 40% . Тоа ни дава за право дека очекуваме годинава дуплирано производство на сончоглед. Тоа значи повеќе домашна суровина за нашите преработувачки капацитети за производство на домашно масло за јадење и помал увоз на сончоглед.“
изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски (31.05.2022)

Дури и да се остварат неговите очекувања за двојно зголемување на производството на сончоглед, тоа ќе задоволи едвај 20% од потребите на земјава. Останатите 80% и понатаму ќе се увезуваат. Ако продолжи војната во Украина, една од најголемите извознички на сончоглед во светот, извесно е дека битките за сончогледово масло во продавниците не се настан што може да го оставиме во минатото