Градоначалникот Стевчо Јакимовски, како што информираат од Општината, извршил консултација со експерти од областа при што биле констатирани недостатоци при изведбата на плафонот во градинката „Мајски цвет“ што се урнал за време на викендот
Јакимовски во своето обраќање додаде дека ќе побара вештачење и дополнителни експертски мислења, но додаде дека се плаши оти може да се урне целиот таван на градинката, направена во 2019 година

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски утринава повторно направи увид на ситуацијата во градинката „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 2, откако вчера беше утврдено оти таванот во градинката паднал за време на продолжениот викенд.
Јакимовски, како што информираат од Општината, извршил консултација со експерти од областа при што биле констатирани недостатоци при изведбата на плафонот.
Во обраќањето во живо од градинката што беше објавено на фејсбук-профилот на Јакимовски, тој соопшти три главни причини поради што дошло до паѓање на таванот.
„Побаравме експертско мислење и констатиравме недостатоци при изведбата. Конструкцијата на шините е конструкција за ѕид, а не за плафон, значи оскеното растојание е од 65 сантиметри, наместо да биде 50 сантиметри. Значи, секоја табла требала да биде поставувана на 4 до 5 шини, а овде е поставувана на три“,
вели Јакимовски.
Втората голема причина поради што е дојдено до оваа ситуација, како што додаде, е тоа што шрафовите се премногу набивани и практично, оној слој хартија што ја држи гипс-картонската плоча е пробиен.
„Третата причина е што местењето гипс-картон на таван има свој систем, а овде се лепени цели плочи. На еден сосема мал дел натежнала водата, што придонело целиот плафон да се сруши како кула од карти“,
посочи тој.
Јакимовски во своето обраќање додаде дека ќе побара вештачење и дополнителни експертски мислења, но додаде дека се плаши оти може да се урне целиот таван на градинката, направена во 2019 година.
„Ќе побарам измени во буџетот и итно да видиме што ќе кажат стручните лица, како да извршиме санација, сè во интерес на безбедноста на нашите најмали жители во Општина Карпош“,
заклучи градоначалникот.
Во градинката „Мајски цвет“, клон „Јасмин“, во населбата Тафталиџе 2 во скопската Општина Карпош, вчера беше утврдено дека за време на продолжениот викенд во градинката се урнал дел од таванот. Според информациите што вчера ги соопштија од Општината, таванот паднал во две простории, а во уште една е оштетен.