Фросина Факова-Серафиновиќ е мајка на 6-годишниот Јован, кој до појавата на коронавирусот одел во градинка. Родителите на Јован се новинари, професија без фиксно работно време, па затворените градинки се голем предизвик за ова семејство. Со работа од дома, Фросина нашла начин да се грижи за Јован, но ова не може да биде долгорочно решение.
„Јас сум од Прилеп, мојот сопруг е од Куманово и тука немаме баби и дедовци кои ќе ни го чуваат нашето дете. И нашето единствено решение е градинката, па понатаму, нели, училиштето. Новинарите и во нормални услови живеат со новинарството. Нивните деца излегуваат последни од градинка, излегуваат последни од кај бабите и дедовците, излегуваат последни од кај соседите“
вели Фросина Факова-Серафиновиќ, родител.

Иако од една страна едвај чекаат да отвори градинката, Фросина сепак е скептична за тоа како ќе функционира згрижувањето на децата.
„Секако дека на 2 или 3-годишни деца не можете да им кажете не се фаќај за око, за уста или за нос, кога има некои деца во градинка што уште ставаат предмети во уста. И, секако, тука се раѓаат многу прашања – како ќе се изведе тоа кога знаеме дека кај нас и занималните, градинките што ги имам видено се многу мали и претходно во нормални услови беа повеќе од 30 деца во една занимална“
додава Факова-Серафиновиќ.
Во слична и полоша ситуација од новинарите се родителите на мали деца кои се полицајци, медицински лица, војници. Сепак, на голем дел од родителите, кои се во можност да го користат, не им се брза да го прекинат платеното отсуство од работа.

„Mоментално, и сопругата е дома, работи онлајн и јас исто работам, таква ни е работата. Така, на тој начин, се снаоѓаме остануваме дома може да одвоиме време во било кој период од денот да останеме“,
вели еден родител.

„Сопругата е во образование, она останува дома, јас на работа и така.“
вели друг родител.
-А на прашање дали веднаш би го пуштиле детето во градинка што би одговориле?
„Не. Имаме и други солуции, или на боледување или на друг начин, кај родителите“,

Бабите и дедовците, пак, во едни примери се поштедени од чување на внуците зашто се ризична група, но во други – и во вонредни услови го преземаат товарот на свој грб.
„Родителите си одат на работа, немаат гајле, ние баба и дедо по цел ден со нив, од сабајле до вечер. И кога ќе дојдат малце ќе поиграат со нив, па пак ние и така, се снаоѓаме“
вели дедо на дете кое посетувало градинка.
Колку точно родители сакаат децата да им се вратат во градинка, ја интересира и државата. Изминативе две недели Министерството за труд и социјална политика испрати прашалници до сите родители чии деца пред кризата одеа во градинка.

Од одговорите ќе зависат многу работи. Една од нив, вели директорката на градинката „Фидани“, Гзиме Бакиу, е колкави ќе бидат групите. Од територијата на Чаир, која ја покриваат со шест објекти, вели дека малку родители сакаат веднаш да се отворат градинките.

„Tие родители кои имаат потреба да ги носат децата во градинка веднаш, бројката беше околу 75 деца, а за во иднина 105 деца. Ние имаме 6 објекти, верувам дека нема да предизвика проблем овој број на деца кој го имаме од родителите. За активностите, ние и така во летниот период ги правиме во двор, така што не верувам дека ќе имаме проблем, или од страна на воспитувачките да не можат да одржат растојание со децата“,
вели директорката на ЈУДГ „Фидани“, Гзиме Бакиу.
Освен за големината на групата, се прават и други подготовки. Во „Бубамара“ во Општината Аеродром прават вонредни дезинфекции на просториите, играчките и дидактичкиот материјал, а се средува и дворот.

„Конкретно во клонот ‘Бубамара’ се спрема и оградата која ги поврзува стариот со новиот дел, се прави едно ново мини-детско игралиште, со цел да овозможиме повеќе простор за децата на отворено, а дворот да биде безбедна средина каде ќе се чувствуваат пријатно и ќе бидат среќни.“
вели директорката на ЈУДГ „Бубамара“, Елена Устамитова.
– Дел од евроспките држави кои повтотно ги отворија градинките и училиштата одат кон тоа да има намалување на групите, држење дистанца и почесто одржување на хигиента, возможно ли е кај нас?
„Да, возможно е и ќе мора тоа да го направиме. Но, сепак, ќе мора да ги почекаме протоколите за да видиме на кој начин ќе се организираме“,

Од Комисијата за заразни болести велат дека веќе разгледале неколку насоки кои ги доставиле лекарите, но за конечна одлука се чека предлог и од Министерството за труд и социјала, што подоцна ќе го достават до Владата.
„Даден е предлог за работење во две смени, каде што и хранењето на децата би било во две смени. Значи, едната група ќе јаде во еден временски период, другата во друг временски период. Околу креветчињата, каде што децата би спиеле, би требало да функционира на стар начин но проверен – ножињата и главите да бидат свртени во друга насока, односно нозете и главата на другото дете и меѓу себе простор од 1,5 метар раздалеченост“
изјави директорот на Детската болница „Козле“ и член на Комисијата за заразни болести, Ангелчо Андоновски

Од Министерството за труд и социјала не кажуваат кои се нивните предлози за организирање на работата на градинките. Единствениот став од таму е дека децата нема да останат незгрижени.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пак, најави дека од оваа недела треба да започне генералниот скрининг за ковид-19, кој ќе ги опфати и воспитувачките.
„Сите вработени ќе бидат тестирани, и негувателки и целиот останат персонал што работи во градинките. Кога кажувам за неколку опции, во предвид земаме по неколку часови оставање, начин на кој би се организирале помали групи, но сакаме да донесеме решение што ќе може навистина да се имплементира. Да не биде само решение кое ќе го донесеме и на хартија изгледа добро, да се пази дистанца итн., а од децата нормално не може да се очекува тоа да го почитуваат“
изјави министерот за здравствоВенко Филипче на прес-конференција (7.5.2020)

На родителите кои мораат да тргнат на работа со олабавувањето на мерките единствено чаре им останува помошта од бабите и дедовците или поддршката од работодавците за користење платено отсуство за чување дете до 10 години.