Актуелната пратеничка од СДСМ и поранешна шефица на кабинет во МВР, Славјанка Петровска, во вечерашната дебата на „360 степени“ во врска со безбедносните реформи по скандалот со прислушувањето, вели дека во тек е процедура на избирање на двајца технички експерти кои ќе ѝ бидат на располагање на една од собраниските комисии задолжени за увид во работата на безбедносните служби и системот на следење на комуникациите.
Од сегашниот собраниски состав досега не е направени ниту еден надзор, но Петровска вели дека комисијата во која и таа е член е започната со работа, а по изборот на двајцата експерти ќе може целосно да профункционираат.
„Една од собраниските комисиите надлежни за надзор во којашто сум член започна со работа. Но, очекуваме во текот на месец март да бидат избрани двајцата технички експерти, бидејќи ова е една од новините во Законот за следење на комуникациите. Беше детектирано како недостаток, дека пратениците не можеме да бидеме сигурни дека имаат доволни познавања или стручна експертиза од областа“,
рече Петровска.
Таа додаде дека следењето на комуникациите не се само законите, туку потребно е стручно техничко познавање на опремата.
Реформите во сферата на безбедноста се прашања за кои власта и опозицијата постигнаа консензус, а Петровска вели дека тоа се должи на фактот што биле свесни во каква ситуација била државата по скандалот со масовното нелегално прислушување.
„Согласни сме дека недостатоците кои беа детектирани тогаш и во извештајот на Прибе, но и генерално од сите субјекти во општеството, дека треба да бидат отстранети. Затоа пријдовме кон реформа на тој систем, односно на почеток ја формиравме ОТА, а тоа што беше суштински проблем беше гаранцијата дека ќе ги поставиме правни основи дека во државата нема да се случи скандал од размери и обем како тој. Ако ги анализираме законите ќе видиме добри солидни правни основи за тој систем да профункционира, но целта на реформата не е само да бидеме задоволни со законите, туку треба тој систем да профункционира и доаѓаме до она што е реалност денес. Констатација е дека немаме ниту еден реален и функционален над работењето и над безбедносните служби и над системот за следење на комуникациите,
вели Петровска.