Претседателот Пендаровски на средбата истакнал и дека нашата држава е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски денеска остварил средби со претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија, информираат од кабинетот на претседателот.
Претставниците на здруженијата го информирале Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранцијата и градењето граѓанско општество.
Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оценил дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот.

„Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информира дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде што ќе има разговори со претседателот Румен Радев“,
се вели во соопштението на претседателскиот кабинет.
Претседателот Пендаровски на средбата истакнал и дека нашата држава е насочена кон развивање добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.