Шефот на државата вели дека не е ниту умерен оптимист туку е реалист во однос на евентуалното постигнување на решение и потсетува дека политичката ситуација во Бугарија е комплицирана и во моментов единствениот кој има политички капацитет
Претседателот Стево Пендаровски вели дека наредните денови земјава ќе испрати „патоказ“ до Бугарија за исполнување на Договорот за добрососедство, меѓутоа тоа нема да биде ништо ново туку ќе се базира на акциските планови кои Скопје веќе ги праќање до Софија и Брисел.
„Сигурно наредните денови ќе доставиме предлози и тоа ќе се базира на оние акциски планови за секторска соработка кои ги правевме ноември-декември и ги доставуваме и до Брисел и до Софија зошто нема некоја иновација во тој дел. Од пат на енергетска инфраструктура, до соработка во областа на медиуми, култура, образование … ние ќе го направиме тоа“,
изјави Пендаровски од Рим.
Во однос на гаранциите кои ги бара Софија за имплементирање на Договорот, тој вели дека нема проблем да има мониторинг од ЕУ.

„Тие велат дека не се задоволни со темпото на имплементација, ние немаме ништо против трета страна, нека биде и ЕУ, да каже ’ние сега ќе штиклираме дали билатералниот договор по сите тие точки оди со задоволително темпо‘. Ние тврдиме дека многу работи од тој договор се имплементирани меѓутоа, не ни пречи воопшто да дојде трет човек од страна и да каже што е вистината“,
изјави претседателот.
Пендаровски зборуваше и за португалскиот предлог кој го достави шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, потсетувајќи дека во тој нон-пејпер се предлага да постои патоказ и неговото исполнување да биде надгледувано во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација, а не во рамки на Европската комисија (ЕК) и порача дека тој нема проблем ниту со тоа каде да се мониторира тоа. Многу поважно за него е што ќе пишува во тој процес.
„Знаете кој е мојот став, јас немам проблем со посебни поглавја ама ме интересира што пишува во нив, немам проблем со патоказ, но ме интересира што пишува внатре. Може да имате најбенигно име ама да имате тешка содржина која е лоша за вашата држава. Да не се држиме за формата, дали ќе биде во рамки на Советот или во рамки на ЕК, дали ќе се вика вака или поинаку, многу ми е важно дали ќе бидат сочувани виталните национални интереси“,
рече Пендаровски.
Исто така, зборуваше за уште еден детал од предлогот на Португалија, а тоа е во историската комисија да се вклучат и независни експерти од трети земји.
„Во португалскиот предлог постои друг детал кој се однесува на истата работа – вмешување од страна. Вели ’има европски држави кои би биле заинтересирани да контрибуираат во комисијата составена од историчари‘. Не како формални членови, како луѓе кои би биле тука и можеби би давале совети за методологијата за работа. Треба двете земји да се согласат за да се приклучат такви луѓе во комисијата“,
вели Пендаровски кој додава дека може да се договорат за такво нешто.
Шефот на државата зборуваше и за тоа дека не е ниту умерен оптимист туку е реалист во однос на евентуалното постигнување на решение и потсетува дека политичката ситуација во Бугарија е комплицирана и во моментов единствениот кој има политички капацитет.
„Ситуацијата во Бугарија е објективно комплицирана затоа што парламентот е распуштен, Владата е техничка и треба само да ги организира изборите. Претседателот е единствен со политички капацитет во моментот, но знаете во демократија не е добро еден човек да решава за сите други институции. Јас сум во реалист, не можам да се наречам ни умерен оптимист бидејќи многупати претходно сме најавувале и на крајот не се обистинило. Она што можам да го констатирам од мојата средба со Радев, една работа е неспорна. Претседателот Раде зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа кон нас. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не нè навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите“,
рече шефот на државата Пендаровски.
Тој изјавите ги даваше по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела во Рим, каде отпатува заедно со бугарскиот колега Румен Радев, за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј. Во врска со средбата со Матарела, Пендаровски рече дека Италија ќе се заложи не само за Северна Македонија туку и за целиот регион бидејќи земјите од Западен Балкан предолго се во чекалната на ЕУ.

„Италија ќе се заложи не само за С Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалната на европските интеграции, процесите да се интензивираат. Тоа е во интерес и за нив не само за државите во нашиот регион. До крајот на оваа година вети дека ќе дојде во официјална посета на Северна Македонија, тоа е трета посета на италијански претседател откако Македонија е независна држава. Тоа ќе биде значајно. Италија е битна држава во ЕУ. Италија била една од најгласните адвокати за Балканот да биде интегриран во евроатлантските интеграции и значајно е што еден човек, кој е во својата седма година од мандатот и еден од најпочитуваните европски државници да ја посети нашата држава и на лице место да ни изрази поддршка за сите битни стратешки работи и за нас и за нив“,
рече Пендаровски.