Претседателот Пендаровски во обраќањето посочи дека за оваа тема во целиот свет се дебатира интензивно и темелно и порача дека е најважно сите дискусии да бидат водени врз база на реални податоци, со цел креаторите на економските политики да предложат решенија
Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по ковид“, организирана од Министерството за финансии.

Претседателот Пендаровски во обраќањето посочи дека за оваа тема во целиот свет се дебатира интензивно и темелно и порача дека е најважно сите дискусии да бидат водени врз база на реални податоци, со цел, креаторите на економските политики да предложат решенија. Тој говореше за светските економии, за кои рече дека забележаа огромни падови на своите бруто национални производи, берзански шокови и загуби во речиси сите индустриски гранки, при што подвлече дека сите земји во светот се уште се борат да го заштитат здравјето на своите граѓани, но и да ги неутрализираат штетните економски последици.
„Глобалната економија сè уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи. За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно“,
изјави претседателот Пендаровски.
Пендаровски, во однос на домашната економија рече дека не е исклучок од светските трендови и ги посочи донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.
„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за закрепнување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“,
оцени Претседателот во обраќањето.
Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот Пендаровски ги посочи и предизвиците наметнати од пандемијата на Ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко дејствување на глобално ниво.

На крајот на обраќањето, претседателот Пендаровски порача дека без солидна и континуирана инвестиција во човечкиот капитал економскиот развој не може да биде одржлив и додаде дека за таа цел предуслов е да се даде поддршка на младите кои се образуваат и создаваат во земјава. Тој истакна дека општеството е должно да го развие потенцијалот кај младите и да вложува во нивните идеи.
„Верувам дека токму во пост-ковид периодот ќе имаме сет на политички и економски мерки кои ќе поттикнат продукција на нови, свежи концепти на тој план“,
рече претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Скопје економски и финансиски форум“.