Претседателот ја нагласил и важноста од запазување на законските одредби за инклузија во образованието и ја потенцира општествената одговорност особено кон ранливите групи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство“, каде што Ембла на првиот ден од второто полугодие беше бојкотирана наставата од страна на родителите на нејзините соученици.
Претседателот со родителите на Ембла разговарал за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување.

Пендаровски ги охрабрил и ги поддржал родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздравил брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.
Претседателот ја нагласил и важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.
Тој истакнал дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој.
„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни”,
рече Пендаровски.

Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите, истакнал Пендаровски.
Тој објаснил и дека ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања, се додава во соопштението на владината прес служба.