Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за барањата на Бугарија и дали тие се реална пречка за усвојување на преговарачката рамка а потоа и за одредување на датум и одржување на првата меѓувладина седница.
„Бугарската позиција или декларацијата која е усвоена во нивниот парламент со само 4 гласа против, значи со еден севернокорејски процент, објективно кажано, и власт и опозиција застанаа зад таа позиција, ќе биде реална политичка пречка. Мислам дека сите тоа го гледаме веќе, го согледуваме. Што може да се случува наредниот месец и половина. Можам да ви кажам околу тајмингот од она што јас знам, во однос на усвојување на преговарачката рамка за нашата држава од страна на комисијата, тоа би требало да се случува веројатно некаде средината на мај, првични драфтови да излезат, значи после самитот во Загреб кој за прв пат во историјата на ЕУ ќе биде онлајн. Еден провизорен датум циркулира во Брисел, не велам дека е дефинитивен – 16 јуни би требало да биде крајниот рок за ЕК да излезе со свој предлог. Потоа ќе бараме наредните недели и политичка согласност на оваа рамка ќе биде која ќе биде предложена од комисијата. Тука е битно да знаеме, во комисијата сите преговарачки позиции и сите битни прашања се решаваат со мнозинство на гласовите, кај Европскиот совет се бара комплетен консензус, и да не заборавиме дека со новата методологија усвоена на француски предлог сите се согласија дека земјите членки мора да имаат многу посилна политичка контрола врз процесот“,
рече Пендаровски.