„Значи апелирам до двете страни, немојте два-три дена пред изборите да ја кревате реториката на меѓунационалната тема, бидејќи таа е многу чувствителна, многу експлозивна. Знаете дека имавме конфликт во 2001 година, одвај се вративме, одвај се опоравивме. Не сакам која било политичка партија на темата на национализмот да добива изборен поен. Зошто? Затоа што, што ќе правиме кога ќе завршат изборите? Ова што јас го кажувам било што на која било тема како претседател во време на избори има сосем друг ефект кај луѓето на улица. Што ако некој поттикнат од моите зборови или од реакцијата на моите зборови, направи некоја беља на национална основа?“, рече кандидатот за втор мандат поддржан од СДСМ
Она вчера што го видовме на митингот на ДУИ и одговорот што го чувме од главната опозициска партија е реторика што не ни е потребна во Македонија.
Ова денеска од митингот во Демир Хисар го порача актуелниот претседател и претседателски кандидат за втор мандат Стево Пендаровски, упатувајќи апел до ДУИ и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се воздржат од засилување на реториката, како што рече, на меѓунационална основа.

„Значи, апелирам до двете страни, немојте два-три дена пред изборите да ја кревате реториката на меѓунационалната тема, бидејќи таа е многу чувствителна, многу експлозивна. Знаете дека имавме конфликт во 2001 година, одвај се вративме, одвај се опоравивме. Не сакам која било политичка партија на темата на национализмот да добива изборен поен. Зошто? Затоа што, што ќе правиме кога ќе завшрат изборите? Ова што јас го кажувам било што на која било тема како претседател во време на избори има сосем друг ефект кај луѓето на улица. Што ако некој поттикнат од моите зборови или од реакцијата на моите зборови, направи некоја беља на национална основа?“
рече Пендаровски.
Според него, станува збор за искусни луѓе во политиката, кои, како што рече, не се вчерашни, но затоа и посочи дека апелира со разум, како што додаде, да се вратиме на она што е најбитно за економијата, како економијата и социјалната политика и борбата против корупцијата.
„Немојте да ги креваме тензиите со муабети и со чаталење кој од кого е поголем патриот. Оставете ги тие работи што било 2001 година. Тоа го гледавме, за жал имавме и жртви. Затоа, уште еднаш апелирам да ја оставиме таа тема на страна. Не ни требаат тие теми. Овде сме сите во заедничка куќа, да живееме како една сложна фамилија и заеднички да си решиме проблемите. Во таа 2001 година немаше победник. Сите бевме губитници, а Македонија најголем“,
рече тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска преку објава на Фејсбук одговори на пораките кои до него синоќа ги упати претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Ахмети, како последен говорник на централниот митинг на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ од кампањата на нивниот кандидат за претседател на државата, Бујар Османи, обраќајќи се до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчеравечер му порача да не започнува беља и да го избира секој збор.
„Јас патував малку подолго и едвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку збора на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“,
рече Ахмети.
Мицкоски во одговорот вели дека нервозната реакција на Ахмети уследила откако вчера тој од митинзите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Аеродром и Гази Баба ги повика опозициските партии на Албанците на обединување и најави дека има намера уште првиот ден по изборите да контактира со нив за заедничка соработка која ќе се темели на принципи околу кои ќе се обединат.
Заканите, вели Мицкоски, не го заплашуваат и доаѓаат од човек пред политичка пензија, „малку и заборавен, но со добро грло кое го вежба пеејќи по државни институции и партиски прослави“.
„Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм… чудно, па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк, Али, во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат ‘Соравија’ или, пак, како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија“,
рече Мицкоски.