Партиите и нивните претставници сѐ повеќе водат кампањи на социјалните медиуми и меѓународните платформи. Но, рекламирањето на тој простор во земјава е „сива зона“, споредено со стриктно уредените правила за финансирањето на политичкиот маркетинг на традиционалните медиуми
Земјава нема никаква регулатива и за финансирањето кампањи кои ги водат т.н. „неучесници“ или „трети страни“ – правни или физички лица кои плаќаат за да поддржат нечија политичка платформа или кандидатура, но не се формално поврзани со таа платформа или кандидатура
Иако изборите минатата година беа локални, а премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не беа кандидати за градоначалници, двајцата се меѓу најактивните огласувачи на социјалните мрежи за време на изборната кампања.
Мицкоски потрошил околу 11 300 евра за 80 реклами, а Филипче 10 200 евра за 39 реклами, во периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Според анализата на организацијата „Метаморфозис“, партијата Левица, која не доби државни пари, а со тоа и простор за кампања во традиционалните медиуми, на социјалните мрежи вложила над 12 илјади евра. Меѓу кандидатите за градоначалници најмногу потрошил Орце Ѓорѓиевски – околу 10 100 евра за 200 реклами.
Сето ова упатува кон заклучокот дека партиите и нивните претставници се повеќе водат кампањи на социјалните медиуми и меѓународните платформи. Но, рекламирањето на тој простор во земјава е „сива зона“, споредено со стриктно уредените правила за политичкиот маркетинг на телевизија, радио и на домашните сајтови за време на избори.
Рекламите, на пример на Фејсбук, се проблематични од аспект на транспарентноста. Не може до крај независно да се потврди – кој ја полни сметката од која се рекламира некој политичар.
Далеку потешко прашање за регулирање е мешањето од т.н. „трети страни“ или „неучесници“ – субјекти кои можат и плаќаат политички реклами без формална врска со кандидат или партија.
Тие на никаков начин не потпаѓаат под членот 85 од Изборниот законик кој ги обврзува партиите на финансиска транспарентност, а можат директно да влијаат врз изборниот процес преку промоција на одредени политики и селективни информации.
Анализа на темата по последните избори во земјава подготви Магнус Оман, меѓународен експерт за политичко финансирање.
„Регулирањето на онлајн огласувањето е исклучително важно. Ја имаме и регулативата на Европската Унија која влијае врз земјите како да го направат тоа. Следниот чекор е да се погледне онлајн кампањата која не е во форма на огласување како плаќање на инфлуенсери, ботови итн. Мислам дека тоа ќе биде следниот чекор бидејќи таму нема директна трага на парите“,
вели Оман во изјава за „360 степени“.

Колку е комплексна темата на финансирањето кампањи од т.н. неучесници говори фактот дека само 14 држави во светот имаат некаква форма на регулација на прашањето.
„Актерите во Северна Македонија можат да го користат ова како начин за трошење пари на изборни кампањи без ние да знаеме. Значи, една политичка партија или богат кандидат во Северна Македонија може да троши пари преку неучесници, а ние тоа нема да го знаеме. Тоа е едниот дел, кој не мора да вклучува никого од надвор. Но, вистина е и дека трошењето пари преку неучесници е клучен пат за странските актери да влијаат врз изборите во други земји“,
вели тој.
Според актуелното домашно законодавство, изборните кампањи на партиите на медиумите ги финансира државата. Но, нема правила и граници за рекламирање на социјалните медиуми, а не, пак, за кампањи кои влијаат на изборите и ги водат неучесници во изборите.
Тоа беше повод да разговараме со законодавците. Упативме покана до сите шест пратенички групи, а од нив се одзваа три: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица.
„Јас одговарам за потрошените пари од средствата на политичката партија и на таа сметка. Ме разбирате? Јас не можам, во таков случај би можело и некој и надвор од државава да финансира ако зборувате за дигитални медиуми. Или некој, или што ќе правиме со луѓето коишто на балкон си извадиле транспаренти?“,
реагира во изјава за „360 степени“ пратеникот Реџеп Исмаил.

Реџеп Исмаил од партијата Левица вели дека одговорноста за прашањето не треба да падне на грбот на партиите. Ако се говори за модел за регистрација на т.н. неучесници, смета дека тоа треба да биде решено во договор меѓу државните институции и платформите на социјалните мрежи.
На прашањето дали постои опасност субјекти коишто не се внатре во државата да прават кампањи за кандидати и да влијаат на изборите, Исмаил вели – можност да, но опасност не.
„Ние имаме сред изборен процес да доаѓаат европарламентарци и агитираат. Ме разбираш? И сега тоа, нели, е влијание, така? Значи, теоретски би можеле на… пошто никој не може да им забрани реално да имаат одредени, иако сега со ВИ (AI) моделите некако ги фаќаат дека не се инволвирани формално страни, па… Ама тоа поминува време веројатно има и чекори да ги прескокнат тие пречки на социјалните мрежи, на дигиталните медиуми да кажам. Но, едноставно си ги прават тие кампањи. И тоа, за тоа не може да се обвини оној за којшто се агитира. Ме разбираш? Значи, политичката партија е правно лице и она одговара само за своите формални страници и фејсбук-профили“,
кажа Исмаил од Левица.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, е согласен дека Изборниот законик треба да претрпи измени, особено во однос на новата технологија. Но, вели тој, во моментов може само теоретски да се разговара за регулирање на прашањето за трети страни, бидејќи нема доволно материјал за обработка.

„Треба да бидеме внимателни на сите овие работи, добро да се изанализираат, доколку имаме можност да добиеме одредена компаративна анализа и сите овие нотирани недостатоци или можности коишто може да се претрпи, односно се вметнат во Изборниот законик, сите заедно да седнеме, да размислиме и да ги реализираме“,
изјави Мицевски.
На прашањето дали отсуството на регулатива отвора можност за надворешно влијание, Мицевски вели – тоа е прашање кое треба да биде регулирано со Изборниот законик.
„Дека може да се појави и странско финансирање и странско влијание, може и треба да се затворат сите можни аспекти на злоупотреба на Изборниот законик и изборниот процес во целост“,
рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Најсилно расположение за построга регулација на рекламирањето на социјалните мрежи и потенцијалното рекламирање од трети страни имаше кај координаторот на СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски. Тој смета дека постои простор на социјалните мрежи, којшто остава можности за нетранспарентност и невидливост.
„Секогаш во изборните кампањи постојат субјекти коишто имаат интерес за поддршка на одредена политичка структура од многу аспекти, дали се тоа политички, па можеби геостратешки, па економски и така натаму. И тоа е причината зошто сметаме дека мора да се воведе еден транспарентен начин на финансирање на оваа кампања“,
вели Спасовски.

Спасовски дополнува дека дијалог за регулација на ова прашање е исто така важен и поради тоа што нема да има простор за шпекулации за мешање во внатрешните односи на државата преку финансирање на кампањи на кој било политички субјект преку скриени канали.
„Така што, за тоа мислам дека треба да направиме механизам во којшто ќе има забрана за финансирање на таквите политички кампањи од една страна, а од друга страна транспарентноста е најдобриот модел за да ги спречите финансирањата на трети лица внатре во државата. Зошто? Сите оние коишто не сакаат да се појават како донатори на изборната кампања, тогаш нема да можат да финансираат“,
изјави координаторот на СДСМ во Собранието.
На оваа тема се разговараше и на конференција во Скопје. Покрај партиите, присуствуваа и претставници на државните институции задолжени за изборниот процес, невладини организации, како и претставници на меѓународната заедница.
Таканаречените трети страни, покажува извештајот на меѓународните експерти, не биле јасно видливи на последните избори, со исклучок на некои онлајн портали, каде што набљудувачите забележале селективно или непропорционално покривање на одредени кандидати. Причината? Финансиската зависност од општинско рекламирање.
Горан Ризаов, програмски менаџер во фондацијата „Метаморфозис“, која изработи две анализи за рекламите на политичарите на социјалните медиуми, вели дека утврдиле недостаток во регулативата.

„Значи не постои регулација во однос на објавите на социјалните мрежи, ниту, пак, постои регулација во однос на начинот на којшто се спонзорираат оние објави на социјалните мрежи… Значи, имавме 52 вкупно страници што ги мониториравме и видовме дека повеќе од половината беа активни во однос на финансирање на спонзорирани постови на социјалната мрежа Фејсбук. Од самите мониторирани страници излезе дека тие потрошиле околу 24 000 евра (само овој сегмент), а севкупно земено, сите заедно, политичките субјекти, имаат потрошено нешто малку под 200 000 евра“,
изјави Ризаов.
Помеѓу говорниците на настанот беше и заменик-амбасадорот на Велика Британија, Даниел Филер. Земјата што тој ја претставува е една од ретките со регулатива за кампањи од неучесници.

„Неодамнешните избори го истакнаа растечкото влијание на дигиталните кампањи. Системите за мониторинг не го следеа тоа темпо, дозволувајќи значително влијание да остане надвор од рамките на транспарентноста и отчетноста. Токму затоа, Велика Британија продолжува да работи со партнерите за сузбивање на дезинформациите, зголемување на транспарентноста во политичкото рекламирање и поддршка на ажурирањата на законските и институционалните рамки“,
рече тој пред камерата на „360 степени“.
Дека демократските капацитети можат дополнително да се зајакнат ако правилата се многу појасни, забележа и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер.

„Ако правилата за јавните простории и однесувањето на функционерите во кампањата се појасни и поригорозни, ќе биде многу полесно да се избегне однесувањето во ʼсивата зонаʼ“,
порача швајцарскиот амбасадор.
Конференцијата и анализите што произлегоа од набљудувањето на последните локални избори ги организираше меѓународната организација ИФЕС, во соработка со голем број домашни партнери. Заедно со документите кои по секои избори ги изготвуваат Државниот завод за ревизија, ДКСК и ОБСЕ-ОДИХР, би требало да бидат патоказ – што треба да се смени во изборното законодавство, за потенцијалните ризици да не станат и системски пропусти на македонската демократија.
