Министерот за внатрешни ги повика новите полициски службеници при полагањето на свечената заклетва секој од нив, како што кажа, да прифати свој личен аманет, завет на чесност и професионалност, дека секогаш ќе ги почитува Уставот и законите на Македонија, дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе се грижи за безбедноста на сите граѓани и целото македонско општество
Полициската професија не е само избор, не е само професија, туку повик и завет кој секој од вас го прифаќа со цел да ги чува своите блиски, своите граѓани и својата татковина безбедни и сигурни. Ова, меѓу другото, го порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во своето обраќање на свеченоста по повод промоцијата на 497 нови полициски службеници од генерацијата 2024-2025 година, што денеска се одржа во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово.

„Годинава Министерството за внатрешни работи (МВР) станува побогато за 497 наши нови колеги, идни чувари на безбедноста на граѓаните, синови и ќерки на Македонија“,
рече министерот на почетокот на својот говор.
Обраќајќи им се на новите близу 500 полицајци, министерот рече дека секој до нив е свесен дека полициската професија е секојдневен предизвик, на кој мора секојдневноно да се одговори, но и предизвик кој носи задоволство и исполнетост со секој еден успех и постигнат резултат во полза на граѓаните и нивната безбедност.
Говорејќи во таа насока, Тошковски истакна дека благосостојбата и напредокот на едно општество се темелат на почитување на законите и на правната држава, чија основа е, како што кажа, успешното функционирање на безбедносниот систем.
„Тоа значи да создаваме, да градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција, која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно во име на граѓаните, во име на својот народ. Во таа насока од самиот почеток се зафативме со решавање на голем број проблеми кои се таложеле низ годините, а резултатите од нашата работа се веќе видливи“,
рече тој.
Министерот за внатрешни работи се осврна и на реформите и на подобрувањето на условите за работа во рамките на МВР, наведувајќи ги во тој контекст целосното реновирање на Центарот за обука на МВР во Идризово и реактивирање на средното полициско училиште.
„Центарот за обука прераснува во меѓународно акредитиран центар со нови образовни перспективи за уште поквалитетна и професионална едукација и специјализација. Овде би ја споменал и една од најважните реформи која се планира во насока на обезбедување професионалност, квалитет и интегритет во полициските редови, а тоа е реактивирање на средното полициско училиште кое преку образовна настава во трета и четврта година ќе ги креира новите полициски службеници. Верувам дека ќе понудиме најдобри услови за работа и образование со цел да ги привлечеме најдобрите кандидати кои ќе испорачаат најдобри резултати. А, резултатите, запаметете се достижни за секој поседува и негува позитивни човечки особини како трудољубивост чесност, професионалност и интегритет“,
рече Тошковски.

Говорејќи во тој контекст, тој ги повика новите полицајци при полагањето на свечената заклетва секој од нив, како што кажа, да прифати свој личен аманет, завет на чесност и професионалност, дека секогаш ќе ги почитува Уставот и законите на Македонија, дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе се грижи за безбедноста на сите граѓани и целото македонско општество.
„Уште еднаш да ве повикам вашиот професионален век да биде детерминиран од вредности на хуманост, чесност, посветеност, одговорност и пожртвуваност, вредности во кои се препознаваат сите оние кои одлучиле да бидат во служба на својот народ, своите граѓани и својата татковина“,
порача министерот за внатрешни работи.
На свеченоста свое обраќање имаше и помошникот-министер на Центарот за обука на МВР, Влатко Митковски, кој пред 13-те тимови полициски службеници рече дека промоцијата е награда и показател за нивната работа, труд и вложување.
„Почитувани кандидати, да се биде полицаец не е само работа, тоа е професија која носи голема одговорност. Нашите сограѓани секогаш ќе гледаат во вас, како заради зачувување на индивидуалната, така и заради колективната безбедност. Носејќи ја полициската униформа станувате членови на едно големо полициско семејство. Тука сте не само за нашите сограѓани, туку и едни за други“,
рече Митковски.

На промоцијата беа доделени благодарници и пофалници за најдобрите полициски кандидати од генерацијата 2024-2025 година.
Во продолжение можете да го погледнете видеото од свечениот настан.