Осум лица загинаа, а две се тешко повредени во судир на автобус на автопатот М7, кој ја поврзува Будимпешта со езерото Балатон, објави унгарската полиција.
Автобусот со педесетина патници, со унгарски регистарски таблички, од засега непознати причини, во 4:55 часот по локално време, удрил во столб на надвозник на автопатот, околу 70 километри југозападно од Будимпешта, објави унгарската полиција на својата официјална веб-страница.
Двајца патници се тешко повредени, а 46 се полесно повредени. Идентитетот и возраста на жртвите не се познати.
Претходната голема сообраќајна несреќа во Унгарија се случи во 2003 година, кога 33 лица загинаа во судир на воз и германски туристички автобус во Сиофок, на јужниот брег на езерото Балатон, 100 километри југозападно од Будимпешта.