Бугарските граѓани не поддржуваат таква политика и тоа е најсилната порака од изборите, вели шефот на дипломатијата
„Не дозволивме да влеземе во приказните на господинот Каракачанов. Пораката од изборите е многу важна, во смисла дека спречувањето на ЕУ перспективата на Северна Македонија, не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат“, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи, во вечерашното гостување на ТВ 21, коментирајќи го исходот од изборите што во неделата се одржаа во соседна Бугарија, а на кои партијата на досегашниот вицепремиер Красимир Каракачанов не обезбеди влез во новиот состав на бугарскиот парламент.
„Тоа значи дека бугарските граѓани не поддржуваат таква политика и тоа е најсилната порака од изборите. Дека народот не е против европската перспектива, народот бара соработка меѓу двете земји и се надевам дека тоа ќе се преточи во политички ставови на партиите кои добија глас од бугарските граѓани“,
вели Османи.
На прашање дали САД може да помогнат околу преговорите со Бугарија, Османи, во гостувањето на ТВ 21 рече дека дефинитивно ќе има поголем ангажман од САД, но не очекува тоа да биде притисок на едната или на другата страна.
„Ние не сме во замрзнат конфликт, да немаме воопшто комуникација и ние не сме дозволиле да дојде дотоа, иако имаше таква опасноство последните неколку месеци. И во најниската точка на односи и критики на јавноста инсистиравме дека мораме да ја држиме директната комуникација. Но мислам дека е важно пријателите да бидат тука, затоа што целта ни е заедничка. И за САД е важно овој регион да биде дел од ЕУ“,
рече Османи.