Министерот за надворешни работи најави дека по овој случај ќе се направи и целосна ревизија на системот за упатување во МНР, вонредна ресертификација за сите вработени во МНР, односно сите ќе мора да аплицираат за национален безбедносен сертификат одново, а сите амбасадори за НАТО – сертификат
Случајот со дипломатот Миле Миленковски покажа слабости во повеќе институции и во МНР, во координацијата, но драго ми е што тој дипломат бил упатен во нашата мисија во ОБСЕ во Виена, бидејќи ако не беше, тој и натаму ќе имаше дипломатски пасош, ќе имаше национален сертификат и ќе имаше пристап до документи, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто потпишал овој дипломат, кој од 27 август е уапсен во Србија по меѓународна потерница, да замине во нашата мисија во Виена.
Османи најави дека по овој случај ќе се направи и целосна ревизија на системот за упатување во МНР, вонредна ресертификација за сите вработени во МНР, односно сите ќе мора да аплицираат за национален безбедносен сертификат одново, а сите амбасадори за НАТО – сертификат.
„МНР има над 400 вработени, од кои 200 се надвор. Секој вработен ја извршува својата работа без разлика дали надвор или тука во МНР. Тоа е хоризонтално распредување. Она што е битно кога некој се упатува во странство е да има сертификат. И затоа во случајов упатувањето не е проблематично. Миле Миленковски имал сертификат од 2019 година со валидност од 5 години – до 2024. Затоа воопшто не е релевантно тоа дали тој работел на 4 спрат тука и имал пристап до документи за цел свет или во некоја мисија. Прашањето се гаранциите“,
изјави Османи денеска.
Зошто е пратен?
Миленковски во нашата мисија во ОБСЕ заминал, бидејќи ги исполнувал сите три услови што Османи сметал дека се потребни.
„Нашата земја го презема претседателствувањето со ОБСЕ и одлучено е во оваа мисија, наместо тројца да се зголеми бројот на дипломатите на 15, нешто што го нема во ниту една наша мисија надвор. Еден од условите беше тие кои ќе се упатат да имаат најмалку две години искуство во МНР, да имаат сертификат и да имаат претходно работено во оваа мисија. Миленковски ги има сите три услови. Јас не го знам човекот. Само знам дека имал национален сертификат и ги исполнува сите услови што за мене беше доволно. Со тоа некој друг гарантираа за него, а мое е да проценам дали ми треба тука или таму. Јас немам механизми да проверувам или да слушам шпекулации по ходници во Министерството. Се е друго шпекулација и партиска политика и јас во тоа нема да навлегувам“,
одговори Османи.
Во дипломатското досие на Миленковски стои дека уште во 2009 година е испратен во Детроит, за два месеци е овластен да раководи со криптозаштита, во 2009 година од Детроит е преместен во Вашингтон, а потоа во Чикаго во времето кога министер е Антонијо Милошоски, а потоа следниот министер го праќа во Виена, од каде следниот министер пак, го преместува од мисија во Амбасада, бидејќи сите се водат по принципот дека има национален сертификат.
Што добиле во МНР за случајот?
Османи тврди дека за овој случај единствено што добиле во МНР е писмо од МВР кое пристигнало 10 месеци пред тој да дојде на функцијата, во кое се барало одговор, дали тројцата дипломати (меѓу кои и Миленковски), во 2018 година имале дипломатски пасоши и дали биле на службено патување од МНР.
Од МНР според Османи, одговориле дека имаат дипломатски пасоши, но не биле на службено патување.
„И на тоа немаше одговор. За случајот дознавме дека има црвена потерница дури откако беше објавено. За другите воопшто не знам дали има нешто против нив“,
вели Османи.
Што е преземено?
На Миленковски од првиот ден му е прекинат мандатот, работниот однос му е во мирување и суспендиран му е дипломатскиот пасош. За другите двајца, Османи им ги суспендирал дипломатските пасоши, а едниот е пензиониран, додека другиот во моментов е на годишен одмор.
Дипломатот Миле Миленковски, кој беше заменик-амбасадор на Северна Македонија во ОБСЕ, Виена, беше уапсен во Србија на 27 август.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека не бил на чело на МВР кога била распишана меѓународната потерница за дипломатот од македонското МНР, на 25 февруари 2020 година. Спасовски потсети дека во тоа време беше претседател на техничката влада, која беше избрана да ги спроведе ланските парламентарни избори.
Спасовски посочи и дека во 2019 година стигнале првите информации за можна вклученост на македонски дипломати во одредена постапка, за што, како што рече, веднаш било известено Министерството за надворешни работи.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, вели дека додека ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи одбил на дипломатот Миле Миленкоски да му го продолжи мандатот во Мисијата на РСМ при ОБСЕ во Виена.
Според Димитров, Миленкоски бил испратен во Мисијата при ОБСЕ во 2015 година кога со МНР раководи друг министер, а подоцна, барањето за продолжување на мандатот му било одбиено. Димитров вели дека нема информации зошто сега повторно Миленкоски бил упатен на служба во Мисијата во ОБСЕ.
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека никој не треба да прогласуваме за виновен додека тоа не се докаже, но ако некој го прекршил законот треба да одговара.