Две катни гаражи со по еден кат, кај паркингот кај Клиниката за гинекологија и кај големиот паркинг до хелиодромот, се решението на градските власти за долгогодишниот недостаток на паркинг места во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Сепак, од Град Скопје не знаат ниту колку точно пари ќе чини изградбата, ниту колку точно паркинг места и површина ќе се добие поединечно од секоја катна гаража
Одењето на доктор најчесто е стресно, но кога е во прашање Клиничкиот центар во Скопје други околности се чини уште постресни.
Ако треба да одите до некоја од клиниките до 14 часот, паркинг може да барате и до еден час, а буквално исто толку време да чекате и за излез од него.
Слободно паркинг место секако нема. Се бара сантиметар повеќе во жардиниерите, на тротоарите, или пак на лентите за лицата со попреченост.

Понекогаш се случува да заглави и амбулантно возило. А заглавивме и ние – половина час во место.
Нам ни беше полесно бидејќи бевме дојдени да го тестираме паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. За некои од другите посетители, ситуацијата е од животно значење, особено за пациенти што доаѓаат од цела Македонија на лекување во главниот град.
360°: Колку време барате паркинг?
„Многу, пола саат“.
„Многу, два саати“.
360°: Ве нервира тоа?
„А шо да правиме?!“
„Како не сум револитрана, половина час чекам да влезам. Дали ќе најдам (паркинг) пошто неколку пати можам и да излезам, а болница нели…сите брзаме“.
„Нервира како не нервира. Еден саат влегувам од булеварот на Клиниката. Една катна гаража да стават тука супер ќе биде“.
„Завршив работа, сеа да си одам. Еве чекаме да се расчисти гужвата па да излезиме…ми се чини може да имаме и во Битола или Прилеп ваква болница за тој дел таму. Ама ние таму немаме ништо и затоа доаѓаме овде“.
Со децении, различни министри за здравство од различни политички гарнитури зборуваа за катни гаражи. Никој не ги изгради. Низ годините, се изработи и физибилити студија која анализираше дали има бизнис логика катните гаражи да ги изгради приватен инвеститор, кој потоа и ќе управува со паркингот.
Во дослух со Владата, оваа варијанта се обиде на дело да ја спроведе Арбен Таравари од позиција на министер за здравство.

„Да имавме буџет, јас се согласувам дека најдобро би било сами да изградиме. Меѓутоа често ни се случува да земаме кредити за изградба на болници, за изградба на здравствени објекти, училишта, патишта… за жал. Најдобро би било за ништо да не земаме кредити, сè да изградиме сами“,
рече Таравари неодамна во изјава за „360 степени“.
„360 степени“ објави детали од физибилити студијата кои јасно укажуваа дека станува збор за вносен бизнис уште пред да се избере концесионер. А откако се избра компанијата „Ѓока Констракшн“ од Албанија и условите станаа официјални, јавниот притисок придонесе да се поништи целата постапка.
Во последните денови од минатата година, пак, решение најави актуелниот министер за здравство, Азир Алиу. Рече дека паркингот конечно ќе се впише на име на Република Северна Македонија, со што ќе се отстрани пречката за потпишување на договор со ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

„Првата половина од 2026 веќе ќе имаме најдобар паркинг и инфраструктура во државата. Потполно смарт паркинг и катна гаража коишто ќе ги има сите потребни елементи на комуникација со колата, но исто така ќе имаме доволно паркинг места и за вработените и за пациентите но и за граѓаните кои сакаат да бидат дел од таа инфраструктура во Клиничкиот центар“,
изјави неодамна министерот Алиу.
И покрај изјавите на министерот, паркингот нема да го гради Владата туку локалната власт. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели тој самиот ја побарал обврската од Министерството и од Владата за наместо паркингот да оди кај концесионер, како што беше предвидено во минатото, со него да продолжи да раководи ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
„Во минатото имаше обиди од екс-министер приватен сопственик да стопанисува. Но, кога имате приватен сопственик, не можете да влијаете на цената – тој ќе ги диктира цените, а тие не секогаш соодветствуваат со имотната состојба на нашите граѓани. Знаеме дека во Клинички центар никој не оди за добро. Заклучокот беше да ни се даде можност на нас како градско претпријатие „Градски паркинг“, а инвеститор ќе биде Град Скопје“,
вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски во понеделникот имаше средба со министерот за здравство Азир Алиу и стручен тим. Разговарале за изградба на две катни гаражи.

Локациите се истите како и во физибилити студијата за приватен инвеститор. Едната е кај сегашниот паркинг, до зградата на Клиниката за гинекологија и акушерство. Се знае само дека ќе биде монтажна и на еден кат, но градската власт не знаеше да ни каже на колкава површина ќе биде и колку нови паркинг места ќе отвори. Другата локација е кај сегашниот голем паркинг, до хелиодромот. И таму ќе се гради еден кат, но и за таму од Градот не знаат колку квадратни метри ќе се додадат и колку паркинг места.
И покрај тоа, Град Скопје тврди – на сегашните 1007 паркинг места во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ќе се изградат 500 нови, што значи зголемување на капацитетот за околу 50 отсто.
Бидејќи катните гаражи ќе бидат монтажни, го прашавме Ѓорѓиевски кога ќе започне нивното поставување.
„На почетокот на март треба да ни биде спремна проектната документација. Во март ќе правам ребаланс на буџетот на Град Скопје за овие две монтажни гаражи. Веднаш по ребалансот ќе се нарпави измена во планот за јавни набавки. Верувам дека најдоцна до јуни, ако сме спремни со документацијата, ќе започнеме со реализација. Знам дека со години се ветува, знам дека има оправдана доза на недоверба, но уверувам јас ќе бидам градоначалникот кој ќе го реши хаосот со паркирањето“,
рече градоначалникот на Град Скопје.
Ѓорѓиевски уверува дека цените за паркинг ќе останат исти, како и олеснувањата за одредени пациенти со потешка дијагноза, што е случај и сега.
Иако не е во надлежност на градот, градоначалникот вели дека во договор со Министерството за здравство, не само паркинзите, туку и партерното уредување и реквизитите на улиците во Клиничкиот центар ќе бидат преземени од градските претпријатија.
Колку ќе чини изградбата, градоначалникот вели засега не е познато. Но, уверува Ѓорѓиевски, целата постапка ќе биде транспарентна.
„Ќе треба сериозни компании да се јават имајќи предвид дека тие паркиралишта ќе ги користат наши сограѓани и треба да бидат што е можно најдобро изработени со највисоки стандарди и квалитет, така што верувам дека има македонски компании кои можат да го изведат тоа“,
вели Ѓорѓиевски во изјава за „360 степени“.
Според една од верзиите на физибилити студијата до кои дојде „360 степени“, во опција тогаш биле две сценарија.
Првото, предвидува изградба на три катни гаражи со по два ката чија проценета цена е 11,7 милиони евра.
Второто сценарио предвидува изградба на две гаражи со по два ката, а вредноста на инвестицијата е околу 5,2 милиони евра.

Врз основа на тие проценки, а имајќи предвид дека градската власт сега зборува за две гаражи но со по еден кат, може само да се претпостави дека инвестицијата би требало да чини значително помалку од 5 милииони евра.
Намалената катност ќе ја намали потребната сума за изградба, но и бројот на нови паркинг места кои ќе се добијат со катни гаражи. Надлежните уверуваат – ќе бидат доволно за се реши хаосот на Клинички, барем во делот на паркирањето.
