Минатата работна недела градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, испратила барање за утврдување на оштетувањата на мостот „Беласица“ до Градежниот факултет при УКИМ. Но, само неколку дена подоцна таа одржа прес-конференција на мостот со тврдење дека нема сериозни штети на него. На настанот стана јасно и дека за експертизата е најмена приватна фирма
На фотографии од март годинава до кои дојде „360 степени“ се гледа како изгледале цевките што изгореа под мостот „Беласица“ во Скопје.
Пожарот на мостот што ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“ избувна околу полноќ, меѓу 11 и 12 мај.
Веднаш беше прекинат сообраќајот, а Центарот за управување со кризи ги алармира сите надлежни институции.
На дваесеттемина пожарникари со осум цистерни им требаа четири часа да го совладаат огнот.
Следното утро, иако гореше под мостот, стручњаците што излегле на увид почувствувале дека асфалтот на мостот сè уште бил топол, што укажува на висока температура што продрела низ целата структура.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека сите индиции укажуваат дека огнот започнал од просторија под мостот.
„Овде, од оваа страна, на местото каде што почнува мостот, има една просторија. Има душеци и ќебиња кои можете од безбедна далечина да ги снимите и тоа ни укажува дека овде престојувале луѓе“,
вели Ангелов.
Огнот потоа ја зафатил изолацијата на цевките низ кои поминува топла вода од блиската топлана.
„Кога ги забележале цевките, на почетокот не знаеле дали се работи за цевки низ кои тече топла вода или цевководи преку кои минува гас. Претпоставувам дека се работи за многу јака изолација, дебела изолација, со хемиски состав што е запалив и развива висока температура. Информациите што ги добив од пожарникарите што го гаселе пожарот се дека температурата била повисока од илјада степени Целзиусови“,
смета тој.
Сега мостот постојано се рони. Забрането е движење и на него и под него. Полицијата се обидува да одржи ред, иако додека снимавме, граѓани поминуваа по пеплосаните парчиња што паѓаат од мостот.
“Можност вакво парче, помало или поголемо, да падне од долниот дел на мостот постои, а ова парче, по слободна проценка, е тешко 3-4 килограм и ако некому му падне врз глава, може да го убие. Затоа апелирам до граѓаните да не минуваат под овој мост“,
предупредува Ангелов.
Експертскиот тим што излегол на терен констатирал дека состојбата е комплицирана и дека бара многу повеќе истражување од еден увид.
Град Скопје, во чија надлежност е „Беласица“, пратил официјално барање до Градежниот факултет за да започнат проверки.
„Се бара да извршиме вештачење и проценка на настанатата штета. Проектната документација ја немаме, колегите во Градот ја пронашле оригиналната проектна документација, што е одлично. Во вакви случаи секој податок, ама буквално секој, може да има исклучително големо значење за процесите да бидат поквалитетни, побрзи и во крајна линија, порационални“,
вели Горан Марковски – декан на Градежниот факултет.
Ова е приказ на пресек на мостот „Беласица“ од архивата на Градежниот факултет. Носивоста и стабилноста се обезбедуваат преку бетонот, арматурата и затегнатите челични кабли што се протегаат по должината на мостот.
„Ова се тие кабли за претходно напрегање, кои се вградени во бетонската конструкција на мостот. Овие се составени од жици и се од постар тип, оние што се понови и се користат во денешно време, наликуваат на сајли, ние стручно ги нарекуваме јажиња“,
објаснува Марковски.
Марковски стравува дека високата температура од огнот стигнала до нив.
„Ако успеала да ги зафати, во тој случај тие се релаксираат, се издолжуваат. Колку е нивната должина помеѓу двата краја поголема, толку силата што е во нив опаѓа. Тоа треба да го испитаме и да утврдиме што се случило за време на пожарот“,
вели тој.
Ако овие кабли ја изгубиле својата сила, дали може да се заменат, дали тоа значи репарирање на мостот?
„Сандачестите пресеци, како што е овој кај мостот ‘Беласица’, овозможуваат тие да се постават во внатрешноста на сандакот. Се прават специјални седла низ кои поминуваат новите кабли, се врши нивно затегнување и на тој начин се надополнува изгубената сила. Само да напоменам дека кон крајот на ’90 години, мостот ‘Гоце Делчев’ е саниран на таков начин“,
додава Марковски.
На високи температури страдаат и бетонот и арматурата која ја губи еластичноста. Но…
„Во ваквиот мост улогата на оваа обична арматура е споредна. Главната улога ја имаат каблите за преднапрегање“,
вели тој.
Марковски ја исклучува можноста за комплетно рушење на мостот. Вели дека ќе се земат примероци и ќе бидат испратени на вештачење во реномирани лаборатории во Франција или Германија со кои факултетот има постојана соработка.
Не сака прецизно да каже колку време и колку пари ќе бидат потребни за враќање на мостот во употреба. Сепак, смета дека проверките би траеле околу три месеци.
„Многу зависи од тоа што ќе се најде. Јас би поставил граница во однос на оштетеноста на внатрешните кабли за претходно напрегање. Ако тие не се сериозно зафатени од огнот, од високата температура, тогаш санацијата преоѓа во релативно лесни санации. Ќе треба да се санира горната плоча, нешто арматурата, оштетениот бетон, да се испескари бетонот што е оштетен од пожарот, но тоа влегува во категорија на полесни санации. Доколку се утврди дека имаме губиток, пад на силата во внатрешните кабли за претходно напрегање, тогаш влегуваме во друга категорија на санација која чини поскапо и бара многу поголема и стручност и време“,
смета деканот Марковски.
Овој разговор со деканот на Градежниот факултет го снимивме во четвртокот.
Два дена подоцна, во саботата, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, одржа прес-конференција на мостот „Беласица“. Иако Градежниот факултет воопшто не почнал со испитувањата кои Градот самиот ги побарал, Арсовска даде децидна изјава – нема сериозни оштетувања на мостот.
„Благодарение на брзата реакција на нашите пожарникари, оштетувањата на мостот се минимални и не довеле до посериозни структурни нарушувања на интегритетот на мостот“,
рече Арсовска.
Арсовска не се повика на извор – кој ја направил таквата проценка. Но, покрај неа на прес-конференцијата беше Михаил Гаревски. Тој е градежен инженер и поранешен директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, а сега сопственик и директор на приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
„Голема температурна разлика доведува до такви отпаѓања на бетонот. Но, на главната носива конструкција не може да се види дека е арматурата откриена, што не е случај со горната плоча каде што има комплетно отпаѓање на бетонот и арматурата може да се види, но тоа не е носив елемент на конструкцијата“,
рече Гаревски.
На прес-конференцијата стана јасно дека Арсовска ја најмила фирмата на Гаревски за да направи експертиза за оштетувањата на мостот, иако такво нешто првично било побарано и од Градежниот факултет. Самиот Гаревски, пак, изјави дека ќе му требаат 20 дена да ја заврши експертизата, што е четири и пол пати пократко од проценките на Градежниот факултет.
Додека траат овие активности, последиците од затворениот мост на големо се чувствуваат во сообраќајот низ Скопје. Метеж веќе не се создава на двата влеза на мостот бидејќи возачите навикнаа дека е затворен. Но, колони се прават кај „Ист гејт“, комплексот судови, МАНУ, Народна банка, Железничката станица и населбата Аеродром, а индиректно, низ цело Скопје.
“Наместо да се подели сообраќајот, половина што одат кон Аеродром и Железничка кружат низ Центар и се зголемува метежот.“
„Па не гледате, хаос е. Два часа од Влада до тука, до ‘Ист гејт’. Нема каде да се помине.“
„Јас мислам дека ова е една од главните артерии, многу е закочен сообраќајот. Еве веќа 20 минути на овој семафор тргни-застани.“
„Да се фатат за работа и побрзо да се санира тоа што е оштетено“,
велат возачите со кои поразговаравме.
Освен што треба да се реши гужвата, треба да се реши и случајот – кој го запали мостот. Градоначалничката Данела Арсовска, алудирајќи на човечки фактор, побара надлежните да ги пронајдат и казнат сторителите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела најави дека полицијата ќе изготви извештај за пожарот на „Беласица“, кој ќе го достави до Град Скопје. Од МВР за „360 степени“ велат дека СВР Скопје презема мерки и активности во координација и по насоки на Основното јавно обвинителство – Скопје.
„По завршување на активностите и комплетирање на документацијата, Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје ќе достави соодветен поднесок“,
велат од МВР.
Последиците што главниот град ги чувствува поради еден затворен мост само ја потврдуваат важноста од поголема грижа за постоечките мостовите и изградбата на нови, на стратешки важни делници.
Мостот „Михајло Апостолски“ што ги поврзува Аеродром и Ќерамидница е готов, но долго време стои неупотребен. Надлежните сè уште не можат да го пробијат булеварот „АСНОМ“ – заглавен во процедура за експропријација на имоти. Да беше поинаку, и потребата од утврдување на оштетувањето и санацијата на „Беласица“ немаше да биде толку важно и итно.