Здружението за промоција на македонски ски-центри „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал емитува видео во живо од Попова Шапка и Маврово, каде што може да се види дека во овие ски-центри има снег

Утринава, во дел од скијачките центри и на другите повисоки места во земјава се забележани првите врнежи од снег. На социјалните мрежи веќе се споделуваат фотографии и видеа од патот што минува кај Стража, на кои може да се забележи дека вее снег, а коловозот и паркираните возила се побелени.
И на скијачките центри Попова Шапка и Маврово утринава е побелено.
Здружението за промоција на македонски ски-центри „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал емитува видео во живо од Попова Шапка и Маврово, каде што може да се погледне состојбата во овие ски-центри.
Од видеата може да се забележи дека покрај снегот што вее, во овие ски-центри има и магла.
И порталот „Тетово инфо“ на својата фејсбук-страница објави фотографија од Попова Шапка, каде што може да се види дека теренот е побелен од снег.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавуваат облачно и студено време со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат пообилни, а на планините дождот ќе преминува во снег.
Од УХМР велат дека и утре времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд. Под влијание на влажен и студен бран од север, на планините се очекува дождот да премине во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, како што најавува УХМР, ќе има услови за снег и на некои од повисоките места.
Утрово најниска температура е измерена во Крушево, 4 Целзиусови степени, а во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Ѓуриште, 19 литри на квадратен метар.