Бројот на заразени и починати од ковид-19 во Кумановско е повторно во пораст. Но, за разлика од првиот бран, кога голем дел од случаите доаѓаа од градот, жариштето во вториот бран е Липково.
Бројките го менуваат и односот на локалното население. На почетокот на епидемијата многу жители се сомневаа во постоењето на коронавирусот, па веруваа дури и во теории на заговор. Во едно од липковските села, Слупчане, се чини дека тоа сѐ поретко е случај.
„Верувам, јас самиот бев на проверка, имав воспаление. Четири часа ме држеа, ми ги направија сите анализи и имав воспаление во градите“.
„Реално, јас не мислам, туку верувам дека вирусот е активен. Сега зависи од човечкиот организам и влијанието што може да го има врз луѓето, но јас верувам дека вирусот е активен, вирусот му штети на човечкото тело“.
Голема улога во менувањето на свеста на населението во моментов игра оџата Абдулфета Шахини. Токму неговата мајка е една од жртвите на ковид-19 од овој крај. Шахини вели дека мајка му се заразила на погреб кај блиски роднини, а за првите симптоми мислеле дека се последица на замор.
„Но, не беше така. Тогаш почна да се влошува. Во понеделник и вторник прими две инфузии како терапија, во среда ја однесовме во болницата во Куманово каде што и ја задржаа и видоа дека ѝ се намалува кислородот. Утредента не нѐ информираа, но кога отидов да прашам за нејзината состојба, ми рекоа дека ја испратиле во болницата ‘8 Септември’ во Скопје. Десет дена беше таму. Во четврток, тој ден, ѝ е направен тестот и излезе позитивна на ковид-19. И така 10 дена престојуваше во болница во Скопје во ‘8 Септември’, до 1 јуни, понеделник. Во 9 часот нѐ известија дека почина“,
вели Шахини.
Смртта на неговата мајката за Шахини и за други 40 лица со кои таа имала контакт значи двонеделна изолација. Од изолираните, само од најблискиот семеен круг, позитивни се 4 лица, меѓу кои и двете деца на оџата.
„Затоа, јас како совет, би ги замолил моите сограѓани, како оџа на ова село, како син на ова село, како еден нивни советник, да не го сфаќаат ова како игра, затоа што не е игра. Да се заштитат, да се заштитат себеси, да ги заштитат своите семејства, своите деца. Тешко е две недели да седиш, а да не можеш да се доближиш до своето дете. Да помине празникот Бајрам, за нас слава, а јас да не можам да го гушнам своето дете или да славам со мој родител, со сопругата или со семејството. Беше многу тешко. Секој нека се замисли во ваква ситуација. Затоа, браќа, ве молам, во име на Бога, не сфаќајте го ова како игра. Сфатете го сериозно, изолирајте се, придржувајте се до тие правила, услови, оние мерки што се бараат од Министерство за здравство и матичните лекари, но и од другите. Да го надминеме ова и да се вратиме во нормала, како што треба, и потоа да живееме без страв“,
вели Шахини.
Во голема мера, поради личната трагедија на оџата Шахини, видливо е дека по улиците на селото со близу 4 000 жители ја нема вообичаената раздвиженост. Но, тоа не значи дека животот запрел.
Сретнавме и такви кои дошле да заработат нешто.
„Нормално е дека се плашиме, но таму каде што работиме нема никој, сите се на печалба. Законот го почитуваме, со маски, така како што ни кажаа. Во моментов дојдовме да пиеме по едно кафе и да продолжиме со работа“.
Слична е сликата и во второто жариште според бројот на заболени во Општина Липково, селото Матејче. Во центарот или како што го викаат мештаните Јурија сретнавме само неколку жители кои не сакаа да ја коментираат состојбата.
Но, пред камера не се двоумеше да зборува оџата на селото Енвер Азизи.
„Факт е дека бројот е зголемен и јас во ова верувам, нема дилеми, и сум против оние луѓе што зборуваат дека постои или не постои. Јас редовно соработувам со градоначалникот и се обидуваме заеднички да си помогнеме едни на други и да излеземе од оваа криза, од оваа ситуација“,
вели оџата Азизи.
Дека состојбата не е лесна сведочи и фармацевтот Флорент Муслиу. Вели дека на почетокот било полесно да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, за разлика од сега.
„На почетокот имавме 20 случаи од едно заразено семејство. Тие поминаа одреден период и од наша страна, како аптека и од матичните лекари, направивме сѐ што е можно за да ги снабдиме со одредени лекови што им беа пропишани од одделот за инфективни болести. По одреден временски период вирусот повторно почна да се појавува и тешко беше да се одржи нивото. Потоа, почна да се шири со голем број, сега имаме 3 засегнати семејства и нови случаи се појавуваат секој ден“,
вели Флорент Муслиу, фармацевт од с. Матејче.
Бројот на случаи веќе е толку голем што Здравствениот дом во Општина Липково е на работ на капацитетот. Директорката Рукије Мифтари вели дека им недостасува кадар, но и дека се снаоѓаат.
„Ние, искрено, всушност, имаме недостаток на медицински персонал, но некако се справуваме со оваа состојба. Всушност, ние сме само како мост, се пријавува случајот во нашата општина, целата постапка ја спроведува матичниот лекар и ние транспортот го вршиме со стручни лекари”,
вели Мифтари.
Големиот број новозаразени се грижа и на градоначалникот на Липково, Еркан Арифи. И тој, како и оџите од Матејче и од Слупчане, има јасна порака до жителите.
„Би им се обратил на жителите на Општина Липково на досега најискрен начин. Состојбата е многу сериозна во нашата општина. Барам да држат физичката дистанца кога излегуваат од своите домови, да ги почитуваат препораките на Владата, да носат маски, да се тестираат. Не е срамно да се тестира. Кога јас се тестирав трипати како градоначалник на Липково, верувам дека секој граѓанин треба да го гледа тоа како нормална работа, затоа што сме во таква ситуација“,
вели Арифи.
Мнозинството, сепак, се чини дека е поблиску до институционалните препораки, за што сведочат во Центарот за јавно здравје во Куманово, особено кога е во прашање тестирањето на населението.
„На почетокот имавме потешкотии во оваа насока, но во последно време почнаа да соработуваат повеќе, и со ова имаме зголемување на бројот на заразени лица. Затоа што во реалноста тие биле позитивни, но не беа идентификувани. Ние му се заблагодаруваме на Министерството за здравство кое ни даде дозвола да направиме масовно тестирање и тоа ни овозможува полесно да ги идентификуваме кластерите, бројот на заразени пациенти и со тоа да можеме да ја завршиме оваа тешка задача”,
вели Ариф Љатифи, директор на Центар за јавно здравје-Куманово.
Здравствените власти во Куманово и во Липково се свесни дека состојбата е влошена, но уверуваат и дека не е надвор од контрола, затоа што сите случаи засега се од познати кластери.
Ако граѓаните ги почитуваат мерките и соработуваат со докторите, велат надлежните, нема да помине долго време пред сѐ да се врати во нормала.