Елисавета Булоска и Оливер Андреевски се невестата и младоженецот на овогодишната Галичка свадба која ќе се одржи од 14 до 16 јули. Зетот е по потекло од Галичник, а неговата избраничка од Охрид. Двајцата се запознале во Битола, но љубовта велат дека се родила во Галичник, и токму тоа бил мотивот да се пријават на повикот на месната заедница за галички младенци. Манифестацијата за нив претставува љубов и почит кон предците.
„Се запознавме во Битола пред шест години и неколку месеци. Бевме пет години другари и во Галичник се случи да се роди поголема љубов од другарство и тоа ни беше мотив да се пријавиме за Галичка свадба оваа година. За среќа, нè избраа и сега сме спремни за викендот“,
велат Елисавета и Оливер.

„Зачудувачки е прилично лесно зашто иако носијата е тешка, таа тежина е убаво распределена, распоредена… така што многу е пријатно да се носи“,
додаде невестата Елисавета.
Манифестацијата се одржува под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а Министерството за култура обезбедува финансиска поддршка. Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска порача дека Галичката свадба е повеќе од еден обичен настан, таа претставува вистинско патување низ времето, волшебен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите. Ова е јубилејно 60. издание на манифестацијата.
„Препознавајќи го значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој по првпат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита. На овој начин од заборав ќе се заштитат уникатните обичаи кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави“,
рече министерката.

Претседателот на Советот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ, потенцира дека за време на манифестацијата ќе има посебен сообраќаен режим. Се очекуваат илјадници гости од дома и странство.
„Охрабрени сме од интересот што го покажуваат младите да бидат дел од Галичка свадба, што е неопходен предуслов за продолжување на оваа вековна македонска традиција. Сето тоа, како и големиот број посетители кои оваа година ќе дојдат во Галичник се дополнителен мотив за сите нас да продолжиме да вложуваме максимални напори да го одржиме континуитетот на оваа автентична манифестација“,
рече Костиќ.
Галичка свадба ќе се одржи од 14 до 16 јули. Традиционално почнува со поставување на свадбарскиот бајрак и „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа се играат традиционалните ора, меѓу кои и „Тешкото“, кај познатата чешма Упија. Веселбата трае до раните утрински часови, во недела се зема невестата и со гледање низ прстен и сите други автентични свадбени обичаи, обредот на венчавање се случува во црквата „Св. Петар и Павле“. Свадбата завршува со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.