„360 степени” и во новата сезона ќе се емитува секој понеделник и четврток навечер на првиот телевизиски канал на јавниот сервис
Од понеделник (15 септември 2025 г.) почнува новата сезона на емисијата „360 степени” – 12-та по ред. На МРТ 1 секој понеделник навечер ќе гледате интервју или дебата, а секој четврток – политичко-истражувачки магазин. Сите емисии и стории ќе бидат достапни и на нашиот канал на Јутјуб, како и на порталот 360stepeni.mk и профилите на „360 степени” на социјалните мрежи.
Гостин во првото издание од новата сезона ќе биде министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тема ќе бидат случаите со депониите Вардариште и Дрисла поради чие палење скопјани деновиве се гушат. Ќе разговараме и за проектот „Безбеден град” (Скопје, Тетово и Куманово) и „Безбедна држава” (коридори 8 и 10). Ќе прашаме дали ќе има затворски казни и конфискување возила. Тема ќе биде и најавата дека Тошковски ќе магистира на Правниот факултет при УКИМ со труд што се однесува токму на ова прашање. Неизбежно, ќе разговараме и за:
-случајот со испитниот центар за возачки испити во Битола, кој му беше доделен на функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, а кој многу брзо по отворањето доби забрана за работа од 30 дена;
-тендерот за набавка на униформи за специјалците, кој го следеа контроверзии;
-тендерот за набавка на 120 нови возила за МВР;
-случајот со АНБ и дали од ОЈО ГОКК се издадени некакви наредби до МВР за постапување во рамки на предметот;
-најавите за реформи во МВР по пожарот во Кочани;
-физибилити студија(та) за целокупниот процес – од производство до издавање на лични документи да се одвива на територијата на државава.