Помина само еден месец, а изјавата на вториот човек во Министерството за животна средина за „приватните“ мерни станици за квалитетот на воздухот веќе претендира да стане евергрин.

„Креирајќи политика со алиекспрес-сензори, може само да настане паника помеѓу граѓаните“,
рече заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули на 13 јануари годинава.
Пораката на Макрадули стана популарна поради острите реакции на јавноста, која е сè почувствителна на темата загадување на воздухот. Свој став има и авторот на апликација „Мој возух“, Горјан Јовановски, која и ја создаде навиката да се проверува каков е воздухот во секој момент.

„Луѓето треба сериозно да се фокусираат повеќе на носење решенија за загадувањето отколку на бунење околу алиекспрес-мерни станици“,
вели Јовановски.
Алиекспрес, аматерско, лабораториско, референтно, калибрирано… Мерењето на загаденоста на воздухот се прави на разни начини и за разни намени.
Ова не е статија само за тоа на кои мерења треба да им веруваат граѓаните, туку и за тоа кои мерења треба да нè засегаат нас граѓаните, кои науката, а кои државата?
Прецизни, но скапи за одржување – дали се доволни само државните мерни станици?

Мрежата за следење на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина има вкупно 18 мерни станици распоредени во 11 града. Само во Скопје има шест.

Мерната станица во скопската населба Ѓорче Петров е сместена во дворот на основното училиште „Коста Рацин“.
Секоја станица треба да мери ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, јаглероден моноксид (CO), азот диоксид (NO2), озон (O3) и сулфур диоксид (SO2). Но, на пример, оваа станица повеќе од два месеца не мери ПМ 10 и ПМ 2,5, односно прашина. Концентрацијата на овие честички последен пат е регистрирана на 22 декември минатата година.
Љупчо Гроздановски и Игор Атанасов се инженери во Министерството и се одговорни за одржување на целата мрежа.

„Проблемот со оваа станица е со инструментот за суспендирани честички со големина од 10 и со големина од 2,5 микрометри. Имаме некој технички проблем и сега сакаме да направиме некои споредбени мерења во друга станица со одреден дел што ќе го земеме од оваа станица“,
објаснува Гроздановски.

Станува збор токму за делот што личи на цевка. Љупчо и Игор го тестирале и во лабораторија – таму работи, а тука не сака.
Повеќето од овие мерни станици се обезбедени со поддршка од Европската Унија, една може да чини и до 200 илјади евра, а функционираат по референтни методи и се калибрирани во странство.
Според инженерите, оние инструменти што работат се со висока прецизност и граѓаните можат да им веруваат.
„Ако гледаме како целина, сите 18 станици функционираат, меѓутоа понекогаш постојат проблеми со одредени инструменти. Сè додека не се отстранат техничките проблеми, ние не можеме да ги вратиме во функција со цел да обезбедиме точни податоци од мерењата за граѓаните. Во согласност со нашите можности и во согласност со резервните делови што ги имаме, на тој начин ги оспособуваме инструментите за правилно функционирање“,
додава Гроздановски.
За станиците постари од десет години, а повеќето се, тешко се наоѓаат резервни делови.
„После 10 години, самиот производител, со оглед на тоа дека произведува нови модели, не гарантира дека можат да се најдат резервни делови за постарите модели на инструменти. Понекогаш се соочуваме со проблем во однос на наоѓањето на тие резервни делови“,
вели Гроздановски.
Делот што не работи го однесоа во Тетово за да проверат дали ќе функционира таму. Тетовската станица е комплетно функционална. По тестирањето, се покажа дека проблематичниот дел тука работи.
„Ќе пробуваме, на некој начин, со замена на одреден резервен дел што би го набавиле во годинава што доаѓа за да можеме да го отстраниме проблемот“,
вели тој.

Според податоците што може да се најдат на интернет-страницата на Министерството за животна средина, покрај станицата во Ѓорче Петров, целосни податоци не испраќаат и станиците во населбите Центар и Карпош, како и во Битола, Гостивар и Лазарополе. Повеќето станици не ја мерат концентрацијата на ПМ 2,5 честичките.
Но, министерот за животна средина Насер Нуредини тврди дека не е така.

„Само една станица не работи, а тоа е мобилната станица во Ѓорче Петров. Не знам за информации дека друга станица не работи. Знам дека минатата година имавме неколку што не работеа. Сите ги поправивме. Поправивме шест станици за да мерат ПМ 10 за што инвестираме над 180 илјади евра. Вистина е. Ако немаме податоци, нема да можеме да го најдеме изворот на загадување. Ако го знаеме изворот, ќе можеме да најдеме решение“,
тврди Нуредини.
Проф. Мираковски: Ако сакаме соодветни оценки за квалитетот на воздухот, прво треба добар мониторинг
Загадувањето на воздухот го мери и штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Тие имаат своја мрежа од мерни станици поставени во Прилеп, Кавадарци, Струмица и Штип. Но, овие „мерачи“ не се референтни, односно не мерат со прецизност како оние на Министерството, туку се индикативни, што значи дека може да сигнализираат да се направат попрецизни мерења.

Она што Универзитетот може да го прави прецизно, кога е во прашање загадувањето, е лабораториска анализа на составот на примероци од воздух земени од надвор. Современата лабораторијата е акредитирана за такви испитувања од 2014 година.

„Значи, нашето мерење има висока точност, но му е потребно време за да ги завршиме сите анализи и за да може да добиеме резултати“,
објаснува проректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Дејан Мираковски.
Професорот Дејан Мираковски смета дека следењето на аерозагадувањето во долги периоди и постојаното прибирање податоци за загадувачките материи без прекини се клучни за државата да креира мерки и стратегии.
„Ако немате доволно мерења или не се соодветни, многу често може баш во периодите кога е екстремно висока концентрацијата вие да ги немате вредностите, што, за жал, и се случува со одредени типови мерења – мерните уреди не работат под нула степени, кога е многу студено не работат, меѓутоа и загадувањето се јавува кога е многу студено и вие ги губите податоците за периодот кој е витален за оценка. Затоа, ако сакаме добри оценки, ни треба прво добар мониторинг, тие параметри да се следат точно и веројатно и ќе видиме дали одиме во добар правец или не“,
додава Мираковски.
Прилеп – голем град без државна мерна станица. Општината си „нарача“ своја мрежа
Прилеп нема мониторинг-станица од Министерството за животна средина. Освен едната станица од штипскиот универзитет, има и алтернативен систем од шест мерачи кои се дел од проектот наречен „Еко монитор“.

Системот е развиен од компанијата „Инфопроект“ со поддршка од Фондот за иновации. Петар Ордановски е главниот инженер кој работи на производството на станиците.

„Значи, мерните станици ние ги склопуваме кај нас, единствено што набавуваме од странство се сензорите. Бидејќи користиме сензори набавени од Европска Унија за ПМ-честички, за температура, притисок, влажност и останатите сензори, сите поседуваат ЦС-сертификат. Нив ги набавуваме, а сѐ останато, вклучувајќи го целиот софтвер, комуникацијата, склопувањето на кутиите, замислата на целиот производ, е патентирана и ја произведуваме ние во Македонија“,
посочува Ордановски.
Тој ја согледал потребата од ваков проект поради малиот број државни мерни станици кои во исто време се многу скапи. Според него, на овој начин се создаваат станици кои се многу подостапни, и иако не се референтни, сепак мерат со голема прецизност.
„Тоа е всушност хиперлокален систем за мониторинг на загадувањето и други метеоролошки параметри во урбаните средини. Зошто е хиперлокален – бидејќи со голема точност, на ниво на улица, може да се определи колку е загадувањето. Така е и замислен, да има многу мерни станици кои комуницираат со комуникациска станица и притоа со големо ниво на гранулација и точност може да се утврди колкаво е загадувањето и секако и други метеоролошки параметри во една општина, град или слично“,
вели Ордановски.
Покрај Прилеп, очекува соработка и со други општини и компании за поставување вакви мерни станици. Ордановски порачува дека борбата против загадувањето започнува со мерење.
Феноменот алиекспрес-мерни станици за квалитет на воздух
„Креирајќи политика со алиекспрес-сензори, може само да настане паника помеѓу граѓаните“,
изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина пред повеќе од еден месец.
Загадувањето на воздухот го мерат доброволно и многу други граѓани со мерни станици кои заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули ги нарече „алиекспрес“. Резултатите од тие мерења ги обединуваат платформите како, на пример, „Пулс еко“.

Дарко Арсовски од скопската населба Карпош поставил една таква алиекспрес-мерна станица.

„Па, искрено, сум презадоволен. Редовно правам анализи според главната станица која е на неколку километри од кај мене и разликата е околу 5 отсто во загадувањето на воздухот“,
вели Арсовски.

Ја поставил за да знае каков е воздухот во неговата непосредна околина и, како што вели, за да знае кога може да отвори прозорец за да проветри. Сите делови заедно го чинеле околу 50 евра.
„Има мерна станица за воздух – ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, температура, влажност и звук. Се нарачуваат тие работи, се нарачуваат каблите, се нарачува плочата, се склопува прилично едноставно – тоа можат да го направат и основци со малку подобро знаење и само си ја монтирав кај мене на тераса. Сè на сè, околу 5 часа ми требаа и оттогаш наваму цело време си имам податоци“,
додава Арсовски.
Тој смета дека поставувањето вакви мерни станици треба да се поттикнува бидејќи се корисни кога државните мерни станици не работат.
„Во меѓувреме може да се користат овие алиекспрес-станици, не треба да се отфрлаат, тие си имаат свој придонес што го прават кој им помага ним да си ја направат подобро својата работа… Општините може да стимулираат нивно користење бидејќи нив им годи… Кога општината планира нешто, не може да се осврне само на мислењето на граѓаните, треба да се осврнува и на податоците“,
смета Арсовски.
Резултатите од мерењата на загадувањето на воздухот од сите спомнати извори – Министерството за животна средина, Универзитетот „Гоце Делчев“, како и волонтерските мерни станици, ги собираат и ги објавуваат на едно место мобилните апликации. На најпопуларната, „Мој воздух“, со покрупни букви е напишана локацијата, додека под местото на станицата, со ситни букви, пишува и од кој систем се добиени податоците.

Авторот на оваа апликација, Горјан Јовановски, кој живее и работи во Холандија, се согласува дека аматерските мерни станици не се референтни како професионалните на Министерството. Но, смета дека воопшто не се за потценување.

„Волонтерските мерни станици, секако, се од понизок квалитет во споредба со државните, кои чинат неколку стотици илјади евра и секако дека нивото на точност ќе биде помало, но дека тие станици се страшно различни од државните, не е вистина“,
смета Јовановски.
Сепак, останува дилемата, дали граѓаните, кога на телефонот ќе видат црвен аларм за загаденост, прават разлика за тоа каде се мери квалитетот на воздухот – на нечија тераса или од државна мерна станица.
„Не верувам дека тие станици креваат паника доколку се правилно поставени од страна на граѓаните и верувам дека луѓето треба сериозно да се фокусираат повеќе на носење решенија за загадувањето отколку на бунење околу алиекспрес-мерни станици“,
порачува Јовановски.
Акредитираните станици на Министерството се единствените врз основна на чии податоци се креираат политики и стратегии против аерозагадувањето. Но и алтернативните станици имаат своја вредност – ако не друго, барем да прават притисок врз државата да ја шири референтната мрежа и да презема мерки против загадувањето.
ПОВРЗАНА СТОРИЈА – Загадениот воздух се заканува да го загади и европскиот пат на Македонија