Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 1 декември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
„Имам два сина, мене ВМРО-ДПМНЕ ми е, буквално, како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, вели актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени” на МРТ 1. Интервјуто доаѓа во пресрет на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во сабота во Кавадарци на кој се очекува реизбор на Мицкоски што ќе биде негов трет, и според Статутот, последен лидерски мандат. Како ќе се постави во битката за наследник, што ако завршувањето на лидерскиот мандат се случи среде евентуално нов премиерски мандат, има ли амбиција да се кандидира за шеф на државата – се меѓу прашањата до Мицкоски. Разговараме и за случајот со договорот на владиниот Генерален секретаријат со компанијата „Дигитал оне“ за набавка на „софтверски лиценци за виртуелна платформа“ во вредност од околу осум милиони евра, буџетот за судството и за јавното обвинителство, како и состојбите во Електрани и РЕК „Битола“ со производството на струја.
