Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 23 март 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува новиот државен јавен обвинител Ненад Савески
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески се залага за почесто користење гаранција отколку притвор како мерка за обезбедување присуство на осомничени или обвинети. Савески, кој гостува во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1, вели дека притворот е најригорозна, најскапа и најнехумана од мерките што ги нуди Законот за кривична постапка и затоа треба да се предлага во крајни случаи. Државниот обвинител вели дека тоа ќе биде нов начин на постапување што ќе го воспостави во институцијата со која раководи од четвртокот, 19 март 2026 г. „Тоа не е финален текст и јас очекувам, дури и гаам голема надеж дека тоа ќе биде коригирано“, рече Савески за предлог-законот за јавното обвинителство кој е во собраниска процедура и во кој буџетот е определен како најмалку 0,4% од даночните приходи во тековната година наместо 0,5% од државниот буџет, како што пишува во верзијата на законот испратена на мислење во Венецијанската комисија. Теми во разговорот се и постапката за избор на државен обвинител, пораките што од говорницата во парламентот му ги испратија некои пратеници, обвинувачките изјави на премиерот за правосудството, (не)мешањето во конкретни предмети, случајот Кочани…
