Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 15 декември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Не сакаме да бидеме депонија на мигранти, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на темата што деновиве предизвика мноштво реплики и контрареплики на релација власт – опозиција. Филипче, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, не смета дека односот на СДСМ кон ова прашање е ксенофобичен, туку дека преговорите на Владата за прием на лица одбиени за азил во Обединетото Кралство е понижување какво што граѓаните на земјава досега не доживеале. На забелешките дека власта и премиерот демантираат дека (ќе) има такво нешто, лидерот на СДСМ одговара – зарем може да му веруваме на човек кој излажа дека ќе го поништи Преспанскиот договор и дека ќе си даде оставка ако се потврди поврзаност на агенцијата за безбедност во сопственост на нивни член со случајот „Пулс“. Освен за ова, со Филипче разговараме и за смените во раководството на СДСМ, разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, реформите во правосудството, економијата и непотребните операции на срце.
