Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 19 мај 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ
Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, вели министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата“, вели Димитриеска-Кочоска. Министерката за финансии ја прашуваме од кого конкретно ќе се позајмуваме, со колкава камата, колкав ќе биде рокот на отплата – откако беше објавено потпишување договори за стратешко партнерство и „влада со влада“ со Обединетото Кралство. Разговараме и за тоа дали јавниот долг може да остане на одржливо ниво, какви се ризиците од корупција, како ќе се бираат британските фирми што градат, ќе има ли тендери за ангажман на локални подизведувачи… Тема се и растот на БДП, ребалансот на буџетот најавен за крајот на јуни, досега потрошените пари за инфраструктурни проекти за општините (од унгарскиот кредит), повратот на ДДВ за фирмите.