Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 6 април 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува генералниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Лазо Узунчев
„Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) ја заврши 2025 г. со загуба од 108 милиони евра, иако плановите беа годината да се заокружи на позитивна нула. Ова во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го откри претседателот на Управниот одбор и генерален директор, Лазо Узунчев, кој во објаснувањето зошто е таков билансот, рече дека лани не е произведена електрична енергија согласно планираното. Тоа, пак, според него, е резултат на пролонгираното траење на ремонтите на термоблоковите во РЕК „Битола“ и во ТЕЦ „Осломеј“ затоа што било констатирано дека претходните ремонти биле направени неквалитетно. Со Узунчев разговараме и за последиците од случувањата на Блискиот Исток врз работењето на ЕСМ, како и за нивното влијание на производствената и цената по која ЕСМ му ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. Првиот човек на Електрани го прашуваме дали го знае Душан Адамовиќ, име од обвинувањата на СДСМ и дали е логично малата „Топлина“ од с. Подмоље да биде носител на набавка од 28 милиони евра, а за подизведувачи да има фирми гиганти. Во завршниот сегмент од интервјуто се осврнуваме на плановите за зелена транзиција и обврските за затворање на РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“.
