Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 12 јануари 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски
Тоа ќе зависи од политика, одговори министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прашањето – кога македонските граѓани ќе можат во земјите од ЕУ да зборуваат на телефон, да праќаат пораки и да користат интернет по цени како што ги имаат дома. Андоновски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, го прашуваме и зошто Украина и Молдавија добија „роаминг како дома“ од ЕУ пред Македонија ако се знае дека земјава стана кандидат за членство 17 години пред овие две држави. Разговараме за воведувањето „е-киосци“, како и за алатката „е-сандаче“ со чија помош државата може директно електронски да комуницира со граѓаните за опомени, документи, рокови за обнова на документи. Тема е и најавениот проект „е-бебе“ кој треба да го автоматизира пријавувањето новороденчиња и издавањето прв извод. Обврските од Реформската агенда, забелешките од извештајот на Европската комисија, целисходноста на мерката за студентските ваучери, тендерот од 1,1 милион евра за кој „Призма“ отвори низа дилеми, состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата по последниот партиски конгрес, се исто така дел од интервјуто.
