Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 16 март 2026 г. на МРТ 1, посветено на едногодишнината од трагедијата во Кочани
Сведоштво за кобната ноќ, анализа на досегашниот тек на кривичноправниот процес, предизвиците пред кои се исправени повредените, напорите да се врати надежта во градот – се дел од темите што ги отвораме со нашите соговорници во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, посветено на едногодишнината од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 животи. „Не размислувам за ништо друго освен за правда за нашите деца“, вели Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението „16 Март“. Тој е задоволен од текот на судскиот процес за „големиот предмет“, како и од динамиката на останатите четири. Овој аспект подетално го разговараме со новинарот на БИРН, Васко Маглешов, кој смета дека пресуда во „големиот предмет“ може да се очекува следната година. Градоначалникот Владко Грозданов, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го прашуваме што прави за да ја врати надежта во Кочани. Како татко на едно од најтешко повредените деца во пожарот, пак, зборува за искуството од лекувањето на неговата ќерка во Солун. Со директорката на Општата болница Кочани, Катарина Мирчовска, разговараме за текот на лекувањето и рехабилитацијата на повредените, како и за предизвиците што се пред нив.
