Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 22 септември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко
Договорот што Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша со печатницата „Киро Дандаро“ од Битола за печатење на гласачките ливчиња е во вредност од околу 48 милиони денари (околу 800 илјади евра), објави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1 во пресрет на локалните избори. Станува збор за рамковна спогодба со предмет на набавка „изработка и печатење на доверлив и недоверлив изборен материјал и избирачки список“. Освен за финансиите, Кондарко го прашуваме и во каква атмосфера работи Комисијата, какви се односите меѓу членовите кои доаѓаат на предлог на различни политички структури, има ли тензии? Разговараме и за деловите од Изборниот законик (менуван 32 пати во последните 19 години) кои предизвикуваат најмногу проблеми во работата на ДИК, во каква кондиција се уредите за биометриска идентификација на гласачите, колкав е ризикот од гласање во име на друг или од т.н. „бугарски воз“… Кондарко ја коментира и одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за правилникот и упатството на ДИК со кои се овозможија независни кандидатури со два граѓански потписа.