Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 10 ноември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува судијката во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска
Ако искуството нè учи дека причините за проблемите судството ќе ги лоцира кај извршната и кај законодавната власт, а тие ќе покажуваат со прст кон судството, тогаш како да се помири таа ситуација? Со дијалог, вели судијката во Врховен суд Мирјана Лазарова-Трајковска, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Повод за интервјуто е Извештајот на Европската комисија (ЕК) за земјава, кој потврди дека државава има проблеми во областите на правосудството и борбата против корупцијата, но можеби првпат директно ги лоцира причините за тоа што нема напредок. „Целокупната независност и финансиската автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни власти, вклучувајќи ги и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и од ограничените доделени финансиски ресурси“, гласи една од клучните реченици од документот на ЕК. Освен за ова, со Лазарова-Трајковска разговараме и за одговорноста на страната на судиите и јавните обвинители, за законите што треба да ги унапредат состојбите (а се дел и од Реформската агенда за ЕУ), за постапката за избор на нов судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а ја отвораме и темата за т.н. еколошка правда.
