Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 3 ноември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор. Ова е коментарот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за објавата на Икс на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по последната посета на Скопје, во која порача дека земјава треба да ја направи договорената уставна промена и дека топката е во нашиот двор. Со Сиљановска-Давкова, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, освен за блокираниот пристапен процес кон ЕУ, разговараме и за последните избори – нивниот тек и исходот. Во контекст на еден од омилените цитати на шефицата на државата од лордот Ектон дека „власта има тенденција да корумпира, апсолутната – апсолутно“, ја прашуваме како да се спречи корумпирање на апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Тема и ставот на претседателката дека ќе предложи член на Судскиот совет по усвојување на нов закон како и за решението во работната верзија на новиот закон дека шефот на државата ќе предлага по најмалку двајца кандидати за едно место во Судскиот совет. Што мисли за најавите за спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, е исто така меѓу темите.
