Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 22 декември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски
Како и зошто во британските медиуми се појавија наводи дека „балканската држава (се мисли на земјава) е во формални разговори со Обединетото Кралство за да биде домаќин на еден од центрите за враќање“ на одбиени баратели на азил, е една од темите на кои разговараме со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Муцунски одговара на прашања и за најавените инвестиции од Обединетите Арапски Емирати за што досега нема информации дали и како би се реализирале, како и што доби земјава од влегувањето во периметарот на администрацијата на Доналд Трамп. Тема се и значењето на актот за демократија и просперитет на Западен Балкан што неодамна беше усвоен на Капитол хил и потпишан од Трамп. За закочениот пристапен процес кон Европската Унија, шефот на дипломатијата вели дека ставот на Софија е оти државава има обврска да го имплементира пакетот од 2022 г., што според него е апстрактен политички термин, кој се обидуваат да го разјаснат. Со Муцунски разговараме и за одлуката на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не бара смена на Статутот што значи дека партијата во 2029 г. ќе добие нов лидер.
