Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 18 ноември 2024 г. на МРТ 1, во кое гостува поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими, кој доаѓа од редовите на ДУИ
Банките не се обврзани да го послушаат премиерот, а мерките за да бидат одржливи треба да се дизајнираат на пазарна основа, вели ексминистерот за финансии Фатмир Бесими, кадар на ДУИ, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, коментирајќи го барањето на Христијан Мицкоски банките да покажат општествена одговорност и да субвенционираат дел од трошоците за кредитите за фирмите од унгарскиот заем. Ова е прв јавен настап на Бесими по изборите на 8 мај по кои ДУИ замина во опозиција, па од него бараме одговори за критиките од новата влада дека затекнала „држава во хаос и долгови, буџет кој е список на желби наместо креиран развој, економија во клиничка смрт“. Разговараме и за поддршката од Владата за инфраструктурни проекти за општините и линеарното зголемување на пензиите. Колку се реално остварливи најавите од власта дека во целост ќе ги реализира предвидените капитални расходи од 820 милиони евра за 2025 година и зошто македонската економија не успева да расте како други економии во опкружувањето, се меѓу прашањата до ексминистерот. Зборуваме и за сегашното и идното политичко дејствување на ДУИ.