Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 26 јануари 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов
Минатата година платите не мрднаа, а имаме една од највисоките инфлации во регионот – коментира претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, за аргументот дека позначајно зголемување на минималната плата и на другите плати соодветно може да ја вивне инфлацијата и да го обезвредни покачувањето на платите. Трендафилов, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, очекува масовен протест в среда (28 јануари) од кој ССМ ќе го повтори барањето за зголемување на минималната плата од сегашните 397 на 600 евра и на сите други плати за по сто евра. Претседателот на ССМ вели дека Законот за минималната плата во 2022 година бил променет на ист начин, односно со протести и штрајкови, бидејќи и тогашната влада имала игнорантен однос кон работниците, како и актуелната. Ако протестот не даде резултат, Трендафилов најавува блокирање на клучни институции, генерален штрајк и собирање 10 000 потписи за предлагање законски измени во Собранието. Тој вели дека работодавачите се спремни да се согласат со зголемување на платите под услов Владата да ги покрие придонесите за покачувањето за одреден временски период.
