Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 29 декември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски
Колку треба да загрижува континуираното влегување во долгови и загуби на „Електрани на Северна Македонија“, кои пред само неколку недели зедоаа нов кредит од комерцијални банки од 58 милиони евра? Ова е едно од прашањата до претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Тема е и последното зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар за домаќинствата и мали потрошувачи. Можеше ли да се избегне таква одлука, има ли барања од новите членови на РКЕ (или индиректно од власта) да се укине надоместокот од 200 денари за пристап до електромрежата имајќи предвид дека тоа предизборно го ветуваше ВМРО-ДПМНЕ, независно од одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка колку е праведна поделбата по блок-тарифи особено што цената во четвртиот блок е четири пати повисока од првиот блок – се дел од прашањата во овој сегмент од интервјуто. Разговараме и за предвременото разрешување на двајца членови на РКЕ, реакциите на таа тема од Секретаријатот на Енергетската заедница и од Европската комисија и дали тие беа причина што власта не разреши уште двајца, иако таков предлог стигна во Собранието. Еден дел од емисијата е посветен и на последиците за Македонија од влегувањето во сила на 1 јануари 2026 г. на СИБАМ, алатка на Европската Унија која подразбира воведување т.н. јаглеродна такса за шест категории производи заради поттикнување почисто индустриско производство во земјите надвор од Унијата.
