Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 11 ноември 2024 г. на МРТ 1, во кое гостува Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ
Една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија, открива министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. На досегашните средби банките генерално биле против ваквата идеја, вели Димитриеска-Кочоска, но од една банка, на одделен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, се согласиле со иницијативата на владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот. Освен за начините и условите за пласирање на овие пари, министерката за финансии ја прашуваме и зошто Владата зборува за 100 милиони евра за 2024 г. и 250 милиони евра за 2025 г. за поддршка на проекти за општините кога износите што реално ќе завршат кај локалните самоуправи (и ангажираните фирми) ќе бидат многу помали со оглед на тоа што Владата соопшти дека ќе плаќа по реализација. Кои се другите проекти што влегуваат во предвидените 820 милиони евра капитални расходи во предлог-буџетот за 2025 г. и како министерката е сигурна дека сите ќе се реализираат; чии плати во јавниот сектор ќе се зголемат во 2025 г.; која методологија за корекција на пензиите ќе се примени во септември по линеарниот раст за 2 500 денари во март; зошто Владата не го прифаќа предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ за околу 250 категории прехранбени производи кога иста таква мерка неколкупати предлагаше ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција – се, исто така, теми во интервјуто со министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.