Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 7 јули 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува потпретседателот на ДУИ и поранешен министер Бујар Османи
Државата е во вител, а актуелната влада се однесува како слон во продавница за порцелан и им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи. Ако ДУИ и партнерите победат на локалните избори во октомври/ноември, ќе инсистираат на предвремени парламентарни пролетта следната година. Ова е оценка на Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и ексминистер во неколку ресори и влади, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени” на МРТ 1. Го прашуваме и дали премиерот на Албанија Еди Рама, со прошетката во скопската Стара чаршија заедно со првенци на ДУИ и Арбен Таравари и средбата со Али Ахмети, ја преминува линијата на (не)мешање во внатрешните работи на земјава, дали Османи ќе се кандидира за градоначалник на Чаир, дали Данела Арсовска е алтерего на ДУИ во објавувањето документи за незаконски легализации на дивоградби, дали Таравари ќе биде дел од предизборна коалиција со ДУИ. Разговараме и за обвинувањата од премиерот дека најавеното бришење на референците за македонскиот јазик и идентитет од извештајот на Европскиот парламент е поради Бујар Османи и прифаќањето на францускиот предлог.