Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 20 јануари 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски
Треба да размислиме за набавка на нов државен авион, макар и половен – вели директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Го прашуваме и зошто доцни воведувањето црвено-жолти таблички за државните службени возила како мерка за намалување на нивната злоупотреба и дали за Томовски е прифатлива варијантата за набавка на службени возила со оперативен лизинг за што државата во моментов месечно плаќа по 86 илјади денари за една „шкода суперб“. Разговараме и за најавите на Томовски за заживување на комплексот „Македонско село“ на Водно, доградба на жичницата со крак од Капиштец до Средно Водно и завршување на прекинатата градба на зградите за ФИНКИ и за Факултетот за физичко образование во централниот кампус на УКИМ. Директорот на СОЗР го прашуваме и за неодамнешната набавка на обезбедување за објектите на органите на државната управа. Тендерот од три милиони евра за три години го добија две фирми во заеднички настап чиј приход во 2023 г. бил 220 односно 250 илјади евра.