Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 8 декември 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува кардиологот, член на МАНУ и алпинист Сашко Кедев
Овие бројки се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности, вели кардиологот Сашко Кедев за првичните наоди на интерната комисија на Министерството за здравство, која констатира дека во десет од 25 пријавени случаи има непотребно направени операции на срце или непотребно упатување на интервенција. Кедев, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, додава дека не станува збор за нова појава, но вели дека е добро што сега под притисок на јавноста се тргнало кон расчистување. Со оглед на тоа што институционалната реакција тргна по неговиот настап на „Канал 77“ во август годинава, го прашуваме и дали сака да им наштети на приватните болници, треба ли да се објават имињата на инволвираните, но и – има ли непотребни стентирања (интервенции за кои Кедев е експерт). Разговараме и за неговото искуство од политичкиот ангажман како пратеник (2002-2006 г.) и кандидат за претседател на државата на изборите во 2004 г., подвигот со искачувањето на четиринаесетте највисоки врвови над осум илјади метри во светот, неговото разбирање на животот, како и орденот „8 Септември“ што неодамна му го додели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
