Министерството за образование прави нова проценка за доизградба на зградите за Факултетот за физичка култура и за Факултетот за информатички технологии кои почнаа да се градат во кампусот на УКИМ пред шест години. Двете згради веќе трета година не виделе работници и се во фаза на карабина, откако пропадна изведувачот, Бетон Штип
Ова е практично трета најава за завршување на објектите и трет пат во изминативе години „360 степени“ да добие одговор дека се прави анализа – што е точно изградено и уште што треба да се изгради за да може да се распише тендер. Ново овојпат е што од Министерството за образование велат дека се прави нова анализа бидејќи претходните покажале дека доградбата на факултетите во барок, како што беше првично замислено, било скапо
На оваа табла може да се види како треба да изгледаат новите згради на Факултетот за информатички технологии и Факултетот за физичко образование, во кампусот на УКИМ.
Но, на терен, наместо барокни има две згради во фаза на карабина, кои повеќе од три години не виделе работници и градежни активности. Сликата е таква од моментот кога изведувачот на работите, Бетон Штип, отиде во стечај.
Причината што нема напредок е што инвеститорот, Министерството за образование и наука, нема распишано нов тендер за доградба на веќе започнатите барокни зданија откако Бетон Штип отиде во стечај. Се додека нема нов тендер, не може ниту да се знае кога, евентуално, професорите и студентите ќе ги напуштат нивните стари објекти.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, или скратено ФИНКИ, е еден од најпопуларните за студирање на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Но, и покрај големиот број студенти, оваа високообразовна институција нема своја зграда за изведување на наставата, освен објектот во кој е сместен Деканатот.
Настава се држи во зградите и бараките на другите факултети во Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ.
„ФИНКИ од сопствени средства многу вложи во реновирање и осовременување на дел од тие објекти изминативе 10 години, за да обезбедиме пристојни услови за работа за нашите студенти. Со натчовечки организациски напори, во соработка со соседните факултети, обезбедувавме одлична редовна настава. Со далечинската настава во тек на пандемијата проблемот со немањето простор привидно е ставен ад-акта. Но, со очекуваното враќање на физичка настава следнава есен, проблемите ќе се вратат во форма поголема и потешка од кога било досега, со многу извесна опасност да не може воопшто да се организира настава“,
вели деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев.
По малку и парадоксалниот факт дека пандемијата некому му помогнала, го потврдуваат и студентите – особено оние генерации што се запишале во последните две години.
„Сега имаме некој чуден начин на студирање кој досега не се практикувал, али гледаме да се адаптираме, секако, мислам дека е од голема штета што немаме никаква физичка настава. Се надевам дека во брзо време ќе се среди“,
изјави Стефан Јаневски, студент на ФИНКИ.
„Годинава ако не се лажам ќе слави 11 роденден, а се уште нема соодветна зграда. Се надевам дека тоа ќе биде решено во најбрз можен рок“,
ни рече студентот Кирил Ковачевски.
„Не мислам дека студентите на ФИНКИ имале големи проблеми, но и не можам да кажам, бидејќи не сум следел предавање во овие бараки и амфитеатри“,
смета студентот Георги Коцевски.
Барем привремено, компјутерски науки може да се студираат онлајн, но не е и физичка култура и спорт.
Тука, во овој простор, функционира не само Факултетот за физичко образование, туку и средното фискултурно училиште и Спортската академија. Некои одат во прва, некои во втора, некои во меѓусмена. Деканката на ДИФ, Ленче Алексовска–Величковска, вели дека условите за работа се очајни.
„Секојдневно се расправаме околу училниците и единствениот амфитеатар и воопшто за кој во кои термини ќе влезе на час. Ова се случува веќе 40 години, за жал, решение се уште нема. Ако спортот е амбасадор и ако физичкото образование носи здравје, мора сите да влијаеме за подобра инфраструктура“,
ни одговори деканката на ДИФ, Ленче Алексовска – Величковска.
Ако на двата факултета им требаат нови згради и ако тие се почнати, главното прашање е – зошто не се доградат објектите во кругот на УКИМ? Прашањето е уште порелевантно ако се знае дека според податоците кои ги добивме од МОН, за новата зграда на ФИНКИ веќе се потрошени 1 981 950 евра, а за таа на ДИФ 1 307 706 евра, или околу 3,3 милиони евра државни пари „скапуваат“ препуштени на временските услови.
Кога „360 степени“ првпат истражуваше на темата по пропаѓањето на Бетон Штип, кон крајот на 2019 година, тогашниот министер за образование, Арбер Адеми, изјави дека зградите ќе се доградат и дека ќе распише нов тендер.
„Ќе објавиме нова јавна набавка, бидејќи посочив дека таква иницијатива постои од наша страна. На 28 октомври годинава доставивме информација до Владата да се согласи на објавување на нова повеќегодишен постапка за јавна набавка и таа останува една од нашите цели во рамките на реализацијата на капиталните инвестиции за изградба на објекти на овие два факултета и за оваа година и следната година ќе се најдат доволно средства за изградба на овие два објекта согласно со предвидената динамика“,
изјави поранешниот министер за образование Арбер Адеми на 10 декември 2019 година.
По година и половина, откако не се распиша никаков тендер за доградба, повторно се обративме до надлежното министерство. Одговорија дека не распишале тендер бидејќи прво морало да направат анализа – што точно треба да се догради.
„По направениот пресек на изведени/ планирани работи ќе се утврди и временската динамика за завршување на објектите, по што ќе се објави и повеќегодишна јавна набавка, за која во буџетот на МОН само за 2021 година предвидени се 20 милиони денари,“
ни одговорија на 16 јули 2021 година од МОН.
За потребите на оваа сторија, или осум месеци по последниот став од образование, повторно се обративме до МОН со истото прашање – до каде е тендерот. Ни одговорија дека анализата за тоа што е изградено е готова, но сега сакаат да го менуваат проектот.
„Потребно е да се направи промена во постоечките проекти поради тоа што е установено дека чинењето на барокните фасади со сите декоративни елементи кои немаат конструктивна функција е прескапо во време на економска криза поради ковид – 19. Потребно е да се направи рационализирање на проектот за фасадата, измена и дополнување на проектот и да се отвори нова тендерска постапка за избор на нов изведувач како би се продолжило со градежните работи“,
е последниот одговор кој го добивме од МОН.
Или, повеќе од три години откако запре изградбата на барокните згради за ФИНКИ и ДИФ, Владата нема јасен план – кога и како ќе ги догради започнатите објекти. Според буџетите, пак, се чини и дека нема волја. Во 2021 година, за изградба на двата факултети биле издвоени едвај 300 000 евра, а годинава едвај 30 000. Средствата јасно покажуваат дека и годинава објектите ќе бидат оставени на забот на времето.