Одговарајќи на новинарско прашање за коментар на наводите објавени во документарниот филм на ИРЛ за пожарот во Кочани, Филипче изјави дека токму поради јавните настапи и прес-конференции на СДСМ биле обелоденети значајни информации и факти, кои инаку не би биле дел од официјалната истрага
Се потврди она што и СДСМ го зборуваш во јавноста, дека власта направи сè за да си ги заштити своите функционери. Ова денеска го изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, прашан за став во врска со документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во кој се наведуваат нови детали од истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

„Ние изминатиот период видовме дека оваа власт направи сè да заштити свои функционери во истрагата за Кочани и еве сега гледаме дека практично тие биле многу чести гости и привилегирани гости на таа дискотека“,
изјави Филипче.
Тој потенцира дека токму поради јавните настапи и прес-конференции на СДСМ биле обелоденети значајни информации и факти, кои инаку не би биле дел од официјалната истрага.
„Да не беа нашите прес-конференции, во коишто обелоденувавме многу работи и факти, огромен дел и од тие што беа опфатени немаше да бидат опфатени со истрагата. Жалам што морам да констатирам дека вчера мислам дека го видовме најгрдото лице на оваа власт“,
истакна Филипче.
Тој порача дека Социјалдемократскиот сојуз останува посветен на барањето за целосна, независна и неселективна истрага, со цел да се утврди вистинската одговорност и да се обезбеди правда за жртвите и граѓаните.
Истражувачката репортерска лабораторија вчера објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди се објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати млади и лица кои биле во објектот кобната вечер.
Во сторијата ИРЛ објави и, како што се тврди во материјалот, текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници. Текстуалните пораки што ги објави ИРЛ, исто така, наведуваат дека инспекторите од МВР со кои комуницирале сопствениците на „Пулс“ барале привилегии, меѓу кои и да имаат резервирани маси во т.н. кабаре.
Како што забележуваат новинарите на ИРЛ, овие државни службеници не се меѓу лицата за кои е поднесено обвинение, кое сè уште не е оценето од надлежниот Совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера, во своевидна реакција по објавената сторија на ИРЛ, рекоа дека сите наведени докази Обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки.
Оттаму велат дека при поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појасниле дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи.
„Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение. Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело тешки дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик, не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение“,
велат од Јавното обвинителство на РСМ.
За коментар во врска со наводите што објави ИРЛ денеска беше прашан и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Одговарајќи на прашањето, тој рече дека на случајот работеле дванаесетина обвинители и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, од чија работа, како што кажа, не е задоволен.
„Случајот го води Обвинителството, државниот јавен обвинител Коцевски. Таму видовте и вие изминатиот период, дванаесетина обвинители беа тие коишто работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде – не сум задоволен и токму тоа беше причината зошто поддржавме во парламентот смена на Коцевски, зашто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски – тоа е друго прашање. Така што, треба секој оној којшто на било каков начин и во било каква форма има било каква поврзаност со тој случај, да биде изведен пред лицето на правдата“,
рече Мицкоски во изјавата за медиумите во Општина Градско, каде изврши увид во градежните активности на улицата „8 Септември“.
Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека очекува до крајот на оваа недела да биде оценет обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Соопштението на Кривичен доаѓа откако родители и блиски на загинатите во трагедијата, од „Маршот за ангелите“ одржан во саботата, порачаа дека доколку до 3 октомври не добијат официјален одговор на нивните прашања околу постапката, мирните маршеви ќе ги заменат со блокади и протести.
Откако ќе биде оценет и доколку го помине филтерот на Советот за оценка на обвинителен акт, Судот треба преку автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС да определи судија што ќе го суди предметот и да одреди датум за почеток на главната расправа.
Зошто обвинителниот акт досега не е оценет, иако беше поднесен пред речиси три месеци, прашање што родителите и блиските досега во повеќе наврати го истакнуваат, од Кривичниот суд причината ја лоцираат во неговата достава до адвокатите на обвинетите и претставниците на правните лица опфатени во обвинението.