Во 2020 г. во сообраќајки загинале 125 луѓе, што е најмалку во последните десет години, но само за нијанса под црниот биланс во 2019 г. (132 загинати) и 2018 г. (133 загинати). Лани имало 5 741 повредени за разлика од 2019 г. кога се регистрирани 5 164 повредени луѓе
Истражувањата покажуваат дека факторот човек и понатаму останува доминантна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици, вели Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот
Сончев ден со одлична видливост во Скопје. Возите со нормална брзина и поминувате раскрсница на зелено светло, но понекогаш тоа не е доволно за да се избегне сообраќајна незгода.

Ако само еден учесник во сообраќајот не ги почитува правилата и прописите, загрозена е безбедноста на сите. Во овој случај, почитувањето на прописите за дозволена брзина од возачот на белиот автомобил придонесе оваа сообраќајка да заврши само со материјална штета и нервоза.

Оваа незгода ја „уловивме“ случајно, снимајќи сторија токму за безбедноста во сообраќајот. Само за неколку часа, на неколку локации во Скопје, уловивме десетици прекршоци кои се најчеста причина за сообраќајните незгоди.
Според статистиките на МВР за периодот 2010-2019 година, најмногу сообраќајки, близу 9 000, се случиле поради брзо возење. Втор „виновник“ за околу 6 000 сообраќајки е непочитување на правото на првенство на минување. Следуваат недржењето страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и возење под дејство на алкохол.

Поедноставено, најчеста причина за сообраќајните незгоди е ниската сообраќајна култура.

„Сообраќајната култура, за жал, можеме да кажеме дека се уште не е на потребното и на посакуваното ниво. Токму затоа, потенцираме дека истражувањата покажуваат дека факторот човек и понатаму останува доминантна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Затоа апелираме до секој учесник во сообраќајот, најпрвин да преземе лична одговорност и со свој личен придонес да придонесе кон подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Многу често граѓаните забележуваат дека сообраќајната култура не е на потребното и на посакуваното ниво, меѓутоа, забораваме дека сите ние заедно ја сочинуваме таа сообраќајна култура“,
вели Ристо Манчев од Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
И од МВР велат дека културата во сообраќајот не е на вистинско ниво. Затоа се и постојаните акции на терен.

„Ако земете да ги видите акциите во последните 6-7 месеци, ќе видите дека беа насочени конкретно во градските подрачја, на територијата на поголемите градови. Потоа, видовме дека има непочитување на сообраќајните правила и прописи на отворените патишта, на автопатите нели, каде што покажуваат бројките дека се случуваат почесто сообраќајните незгоди, сега можете да видите дека константна е сообраќајната контрола на сите автопатишта, зборуваме од Гевгелија до Куманово и од Куманово до Гостивар. Значи, постојано имаме нели за да ги спречиме тие потешки сообраќајни незгоди. Се разбира, се прават соодветни анализи, и врз база на тие анализи се прават и соодветни планови“,
вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Дел од бројките што се анализираат се и за жртвите.
На улиците и патиштата во земјава, почнувајќи од 2010, годишно гинеле и до близу 200 луѓе. Последните неколку години има тренд на намалување на бројот на починати, а најдобра е ланската година со 125 жртви, во која, сепак, имаше и помалку сообраќај поради ковид-19. Како и да е, од 2010 до крајот на 2020 година, на патиштата загинале 1 652 луѓе.

Сепак, починатите не се единствените жртви. Секоја година, во сообраќајки, се повредуваат меѓу 5 000 и 7 000 граѓани. Почнувајќи од 2010, во последните три години има најмалку повредени, но не станува збор за големи разлики со минатото. За 11 години МВР регистрира вкупно 66 790 повредени во сообраќајни незгоди.

„Постои простор за подобрување, затоа што секој живот е важен, затоа што секој загубен човечки живот е ненадоместлива штета и за општеството и за семејството и затоа апелираме за сите учесници во сообраќајот да бидат свесни за последиците од сообраќајните незгоди затоа што тие се случуваат секому и секаде и тоа кога најмалку очекуваме. Максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот е основен предуслов за безбедно одвивање на сообраќајот“,
рече Манчев од РСБСП.
Иако не е популарно, една од главните алатки на полицијата за „делење“ лекции во сообраќајот е казнувањето.
Другиот инструмент што е на располагање е едукацијата. Меѓу последните такви напори на МВР е и неодамна објавената мапа на места каде што најмногу се случуваат сообраќајни незгоди. Преку неа полицијата ги информира возачите за 91 опасна точка во земјава.

„Апелиравме на граѓаните да внимаваат на тие места, затоа што, знаете, причина за сообраќајните незгоди може да биде и лошата инфраструктура, не само брзото возење. Затоа, мораме да внимаваме на тие точки, а ние како Министерство за внатрешни работи, особено внимаваме и посветуваме внимание токму на тие црни точки“,
вели Ангеловски.
Сепак, според статистиките на Министерството за внатрешни работи, дури 5 од секои 7 сообраќајни незгоди се случуваат во урбани средини.
Или, ланската 2020 година, регистрирани се 7 215 сообраќајни незгоди од кои 5 376 се случиле во населено место, а 1 839 надвор од населено место.

Затоа, најмногу казни, но и совети се делат токму во урбаните места.
„Истражувањата покажуваат дека граѓаните почесто користат појаси кога патуваат на подолга дестинација и надвор од населено место, меѓутоа исто така истражувањата покажуваат дека ефектите од користење на појас се посилно изразени при брзини кои се достигнуваат во населено место. Затоа, уште еднаш апелирам, секогаш кога ќе влезете во возилото ставете појас, затоа што тоа е наменето исклучиво за ваша лична безбедност и лична заштита“,
вели Манчев.
Дека не се носи појас се уверивме и сами во патрола со СВР Куманово и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот. Повеќето возачи што беа запрени не ја почитуваа таа обврска, иако е за лична безбедност. Никој не доби казна бидејќи акцијата беше едукативна, но сите добија совет да се навикнат прво да врзат појас пред да го стартуваат возилото.
Само еден од запрените возачи не доби забелешка. Го користеше безбедносниот појас. Тој вели дека културата во сообраќајот не е добра и дека надлежните треба да преземат повеќе мерки.

Неносењето појас, сепак, не ги загрозува другите учесници во сообраќајот. Тоа го прават други постапки.

Општото мислење е дека казните за некои сообраќајни прекршоци се драконски, но тој став не може да опстои кога навидум „обичниот“ прекршок ќе доведе до сообраќајна незгода.