Најдраматично било на островот Вис, каде што се насукаа неколку едрилици. На мерната станица Хан во централна Далмација беа измерени 40 литри дожд на квадратен метар. Надлежните велат дека во невремето нема настрадани

Невреме проследено со силен дожд и ветер синоќа погоди делови од централниот и од јужниот дел на регионот Далмација во Хрватска. Од невремето беа зафатени и неколку острови, а силните ветрови и немирното море насукаа неколку едрилици на островот Вис, јави „хрт.хр“.
Иако најдраматично било токму на островот Вис, невреме со грмотевици го погоди и островот Бишево, а во градот Комижа, во Сплитско-далматинската жупанија ветрот дувал со брзина до 92 километри на час.
Пожарникарите на противпожарната служба во Комижа имаа вкупно пет интервенции од кои три на бродови заринкани на брегот, како и две интервенции на отворено море.
Поради невремето, на островите Вис и Хвар температурата падна дури за осум степени за многу кратко време.
На мерната станица Хан во централна Далмација беа измерени 40 литри дожд на квадратен метар. Во градот Сињ, пак, наврнаа 30 литри дожд на квадратен метар. Помеѓу 20 и 28 литри дожд на квадратен метар наврнаа во близина на градовите Сплит и Трогир.
„Знаеме дека имаше бура, но никој не настрада, тоа е најважното нешто“, рече жупанот на Сплитско-далматинската жупанија, Блаженко Бобан.
Поради невремето дошло до прекин во снабдувањето со електрична енергија на стадионот „Пољуд“ во Сплит, што, според хрватските медиуми, никогаш порано не се случило, па фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Хајдук и Истра бил одложен за еден час.