Откорнати дрвја, бандери, покриви од куќи и голем стрес кај мештаните и туристите – ова се последиците кои ги остави синоќешното големо невреме кое ги погоди Љубаништа, Трпејца и Преспанскиот регион. Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, вели дека состојбата е под контрола и дека екипите брзо и навремено се организираат.
„Првично, најважно што можам да ви потврдам е дека немаме повредени ниту жртви, но материјалната штета е огромна. Моментално се формираат тимови од сите служби, да се координираме и да се расчистува теренот. Преку целата ноќ службите беа на терен и сите патишта се оспособени и проодни, чекаме и тешка механизација, така што каде имаат паѓано дрва ќе почнеме со расчистување. Во автокампот во Крани има големо оштетување на бунгаловите, има доста туристи но нема повредени, ситуацијата е под контрола, службите се на терен очекуваме сега да дојде и организиран превоз за дечиња кои беа тука на летување, а згрижени се сите тука. Тие ќе го прекинат летувањето, нема услови. Струјата е исклучена од безбедносни причини, но има оштетувања и на водовите за струја, но екипите на ЕВН се на терен и работат на случајот.“
вели градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Погодените места во преспанскиот крај денеска ќе ги посетат министерот за земјоделство Трајан Димковски и за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
