„Историјата ќе се сети дека претседателот Трамп дејствуваше за да го спречи најопасниот режим да се здобие со најопасното оружје во светот“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху ја пофали, како што рече, храбрата одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да ги бомбардира нуклеарните постројки на Иран и додаде дека одлуката ќе го промени текот на историјата.
„Историјата ќе се сети дека претседателот Трамп дејствуваше за да го спречи најопасниот режим да се здобие со најопасното оружје во светот“,
рече Нетанјаху во своето обраќање.
Тој додаде дека иранската нуклеарна програма го загрозила опстанокот на Израел и го загрозила светскиот мир. Нетанјаху нагласи дека нападот на САД врз нуклеарната програма бил извршен во целосна координација со Израел и додаде дека американскиот претседател го повикал веднаш штом бил извршен нападот.
Инаку, во текот на ноќта САД го нападнаа Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека САД извршиле, како што рече, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
Набргу потоа Иран изврши одмазднички напад врз Израел погодувајќи цели во Тел Авив. Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица биле повредени во нападите.
Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс и нагласи дека нападите од САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици.
Израел ги почна нападите на Иран на 13 јуни нагласувајќи дека целта е да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.